Мртви и повредени во големо невреме во делови на Европа
22 декември 2019Бурите Елза и Фабиен доведоа до излевање на реки, прекини во снабдувањето со електрична енергија, како и нарушувања во железничкиот и авио сообраќајот во регионот на јужна Европа, оставајќи преку 118 илјади домаќинства без струја.
Досега е потврдена смртта на две лица во Португалија, и на седум во Шпанија, двете најтешко погодени држави.
Меѓу загинатите во Шпанија е и една јужнокорејка врз која паднало парче од зграда, како и еден Холанѓанец кој сурфал на андалузискиот брег.
Невремето во саботата го донесе бурата Елза, а продолжи во неделата со бурата Фабиен- кој донесе ветришта од 170 километри на час во северозападна Шпанија.
И во соседна Франција, во регионот на Бордо, во текот на денот беа затворени повеќе јавни објекти, а во поширокиот регион стотина илјади домаќинства останаа без електрична енергија, а во прекин беше и железничкиот сообраќај.
Италија исто така е соочена со силни ветрови и лизгање на земјиштето, а особено на удар е градот Венеција каде поплавите траат веќе со денови. Во текот на викендот беа пријавени три смртни случаи поврзани со невремето.
Поројниот дожд на Балканот предизвика големи проблеми во Црна Гора каде се поплавени градовите Тиват и Котор. Во двата града поплавени се голем број улиците, а загрозени се и закотвените бродови.