Меркел: Еврото не е во криза
18 јули 2011Канцеларката Меркел потенцира дека таа засега не гледа интерес во реструктуирањето на државниот долг на Грција, зашто таков чекор би имал негативен ефект и би придонесол засегнатите земји да не вложуваат поголеми напори. Но, во интервјуто за првата програма на германската телевизија, АРД, Меркел сепак не ја исклучи оваа можност. „Пробуваме се‘ што можеме за да избегнеме нешто што би било уште полошо“, истакна Меркел барајќи одново и учество на приватните доверители во решавањето на грчката финансиска криза.
Шефовите на држави и влади на 17 земји од еврозоната в четврток (21.07) ќе расправаат околу натамошна помош за Грција. Меркел е уверена дека вонредниот самит ќе вроди плод. Таа го демантира впечатокот дека финансиските тешкотии на одделни држави можат да ја загрозат европската заедничка валута. Еврото не во криза, потенцира Меркел, туку се работи за должничка криза на поединечни земји и за разлики во конкурентската способност. Притоа, се работи на стабилизирање на еврото, кое посебно и‘ е потребно на Германија. Меркел и натаму тврди дека штедните влогови на германските граѓани се сигурни.
За надминување на грчката криза, неопходни се реформи во оваа земја, како и учество на приватните доверители, смета германската канцеларка.
Автор: ЖА/ТТ/дпа/афп/ртре/дв
Редактор:Трајче Тосев