Меркел го критикува затворањето на Балканската рута
10 март 2016Германската канцеларка Ангела Меркел го критикува затворањето на границите долж Балканската рута. „Проблемот не е решен со тоа што еден ќе донесе некаква одлука“, изјави Меркел во разговор за телевизијата МДР. Мора да се постигне согласност за решение кое ќе им помогне на сите 28 земји на ЕУ, вели Меркел. Со затворањето на границите во моментов доаѓаат помалку бегалци во Германија, но се заострува состојбата во Грција.
„Ако не ни успее да се договориме и со Турција, тогаш Грција на долг рок нема да може да го издржи овој товар“, нагласи канцеларката. Претходно Меркел на една манифестација во покраината Рајнланд Пфалц нагласи: „Не можеме во 27 земји да си бидеме комотни и да оставиме само една земја да се снаоѓа со проблемот“.
Австрија инсистира на изолација на Европа
Балканските земји од вчера создаваат факти и не сакаат, како шефовите на држави или влади на ЕУ на самитот пред неколку дена, да се занимаваат со формулации дали Балканската рута е затворена или не. Словенија, Хрватска, Србија и Македонија не пропуштаат никого да ја мине границата доколку нема важечки пасош и виза. Во Грција се загалавени 35.000 бегалци кои сакаат да го продолжат патот кон север. Сосема е отворена и судбината на бегалците кои се веќе во земјите долж Балканската рута. Унгарија вчера прогласи кризна состојба - на границата би требало да се зајакнат полициските и армиските сили.
„Затворањето на Балканската рута се одвива според планираното и стрелките на овој часовник нема да бидат вратени назад“, стави јасно дознаење австриската министерка за внатрешни работи Јохана Микл-Лајтнер. Неконтрлираните бранови бегалци преку оваа рута мора да бидат минато, сметаа таа. Микл-Лајтнер истовремено во изјава за весникот „Велт“ го пофали усогласеното дејствување на властите на земјите долж Балканската рута. Мерките ги поздрави и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, кој им се заблагодари на балканските земји.
Итна помош од ЕУ за Грција
За да ѝ се помогне на Грција да излезе на крај со драматичната ситуација со бегалците, ЕУ одобри итен пакет мерки вреден 700 милиони евра. Атина годинава од тоа ќе добие 300 милиони евра, а остатокот од средствата би требало да го добие до 2018 година.
Министрите за внатрешни работи на ЕУ денеска би требало да заседаваат околу соработката со Турција во бегалската криза. Најдоцна до наредниот самит на ЕУ, на 17 и 18 март, Унијата има намера да склучи сојуз со Турција за да се запре бегалскиот бран и целата ситуацијата да се стави „во колосек“. Анкара предлага луѓето кои илегално влегле во ЕУ да бидат вратени од грчките острови повторно во Турција. Истовремено, меѓутоа, би требало да биде овозможено многу бегалци да може легално да влезат од Турција во ЕУ.