Мафијата во Италија веќе не е само машка работа – се‘ почесто има жени во лидерска улога
11 мај 2004Од “долче вита” (сладок живот), до “малавита” (подземје) - жените се се‘ поприсутни во сите области на животот во Италија; до неодамна речиси незамисливо. За прв пат жена беше уапсена за “криминално здружување” пред само 5 години. Полицијата знаеше дека жените имаа споредна улога во мафијата: како мајки, сопруги и ќерки тие имаа минорни задачи. Во некои пригоди привремено преземаа и тековни активности, кога нивните мажи беа в затвор или убиени.
Но, новата студија покажува дека жените во мафијата станаа шефови и тоа зборува дека италијанското правосудство треба да почне да му обрнува внимание на овој феномен. Ернесто Савона од Католичкиот универзитет во Милано е еден од авторите на извештајот: “Криминалните организации се менуваат. Тие вршат помалку насилство - во Палермо, Колумбија или на други места се убиени помалку луѓе во споредба со поранешната состојба. Тие ја трансформираа хиерархиската организација и ја направија многу пофлексибилна. Тоа значи дека сега имате повеќе жени во менаџерска улога во тие организации”.
Како подземните активности се пренасочија кон финансиски криминал, така опадна насилството. Организациите станаа помалку централизирани. “Жени ќе најдете како раководат со мали криминални организации, многу флексибилни, нехиерархиски, особено кога се во прашање банди на млади. Има и случаи жени да се лидери на организацијата” – укажува Савона.
Токму како и во легалниот бизнис – пофлексибилни организации се поприемчиви за жени и ним во такви им е полесно и да напредуваат кон врвот. Пјерлуиџи Виња, кој раководи со италијанското национално биро за борба против мафијата, вели: “Еволуцијата на жените во светот на криминалот е точно истата како и на жените во светот на бизнисот". Виња укажува дека кај политички мотивираниот криминал жените се подеднакво подготвени да убиваат, како и мажите. Жените во мафијата, пак, не се подготвени на тоа, зашто, според истражувачите, тие потешко оправдуваат убивање за профит. Нивната улога, вели Виња, ја отсликува оваа разлика во вредностите: “Тие главно дејствуваат во областите кои бараат одредена рафинираност, порадо кај перење пари, отколку кај убиства”.
Во Италија нема статистика за точниот број жени во мафијата; истражувачите велат дека повеќе од уапсените жени биле на клучни позиции. Ова можеби не е еманципацијата што феминистките ја има на ум, но покажува дека жените во Италија треба да бидат сфатени сериозно во сите области на животот.