Малцинствата во Албанија со декларација против законот за попис
20 август 2011Во декларацијата тие бараат слободно изјаснување на нивната етничка припадност, што ќе рече укинување на член 20 од законот со кој „секој кој лажно ќе ја прикаже етничката припадност „ се казнува со илјада долари“.
„Со овој член, освен Македонците во Мала Преспа, Македонците од другите делови на земјата, не ќе може да се изјаснат како Македонци, зашто како такви не се запишани во матичната книга. Идентичен е случајот и со Грците и Власите, кои се признати како малцинство, а да не зборуваме за другите малцинства, кои како такви и не се признати. Ќе имаат проблем и затоа со оваа декларација бараме да се укине членот 20 од законот за попис на населението“, изјави Едмонд Темелко, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција.
„Албанија да се соочи со вистината“
„Ние претставниците на малцинствата бараме да се укине спорниот за нас член, застапеност на наши претставици во пописните комисии и попишувачи, како и копија од формуларот за секое попишано лице, како и одложување на пописот за шест месеци, со цел да се реализираат потребните консултации, стои во декларацијата која пред присутните ја прочита Нико Бригу, потпретседател на организацијата на Грците „Омонија“.
Како и за сите малцинства и за македонското, вели претседателот на партијата Македонска алијанса за европскиа интеграција, Едмонд Темелко, законот е дискриминаторски. Ние не бараме ништо друго туку да се спроведе реален попис а не Албанија да се плаши од реалноста дека е мултиетничка држава.
„Да се соочи со реалноста, со вистината . Да не остави слободно да се попишиме и според тој број што ќе излези да бараме права на Македонците и на сите малцинства овде во Р.Албанија“.
Во декларацијата, исто така, се бара и учество на преставници на малцинствата во пописните комисии и како попишувачи, како и копија од формуларот за секое попишано лице.
Заради целосно исполнување на овие барања, преставниците на малцинствата бараат пописот предложен да се одржи во октомври да се одложи за шест месеци.
Тие се разочарани и од амбасадорот на ОБСЕ кој на неодамнешната средба им вети дека ќе се заложи кај албанските власти да се надмине овој проблем. Доколку и со декларацијата не постигнат никаков резултат малцинствата најавија бојкот на пописот.
Автор: ЖА/ВТ/СН/миа
Редактор: Симе Недевски