Мала револуција во Грција
24 ноември 2011Она што деновиве се случува во Грција е мала револуција. Претприемачот за пример Јорго Пецетакис, еден од водечките производители на црева и фолии во светот е приведен и најверојатно ќе биде изведен пред суд поради наводни даночни затајувања во висина од два милиони евра. Исто така моќниот издавач и телевизиски продуцент Костас Јаникос беше приведен со лисици и е обвинет за затајување на данок. Даночните служби најавија натамошни апсења, а министерот за финансии Евангелос Венизелос се закани дека ќе ги обелодени должниците ако до четврток (24.11) не се јават во министерството за финансии за да ги подмират долговите.
Предизвик за политиката
Панајотис Петракис, професор по економија на универзитетот во Атина пресмета дека државата година за година останува посиромашна по најмалку пет милијарди евра поради затајување на данок. Тоа што министерот за финансии сега спроведува построга политика за него има симболично влијание, но има и негативен ефект. „Мене ми пречи ова расположение како погром, според мотото, од овој момент ќе се апси и тоа со медиумско присуство. Со тоа се загрозува нашата општествена клима“. Многу подобро би било ако даночните служби работат ефективно, без да мора да бидат на насловните страници, дополнува Петракис.
Кој не ги плаќа своите даноци, мора да смета со правни консеквенции. Ова е разбирливо само по себе во Европа и мора да важи и во Грција, појаснува атинскиот економист.
За професорот по економија Петракис даночните служби, но пред се’ политичката класа стојат пред предизвик. Нивна задача е да постават вистински рамки. Политичкиот систем ги попречува реформите за самиот да преживее, уверен е економистот. Закорвени структури во државниот апарат, формирани со децении го блокираат секој напредок. „Ќе ви дадам пример: властите се обидуваат да го сопрат криумчарењето нафта и да ги соберат изречените парични казни, но тоа се чини е невозможно. Притоа знаеме дека одредени фирми, вкупно дваесет или триесет, го диктираат тонот. Проблемот едноставно неможе да се реши. Мислам дека не се сака да се реши проблемот.“
Вистинска намера?
Со месеци министерот за финансии Венизелос насапува одлучно, јавно да ги обелодени затајувачите на данок. Кон средината на октомври јасно се закани, дека наредните недели јавно ќе објави цели листи со имиња на даночни затајувачи. Ултиматумот мораше да го одложи поради зштитата на податоците. Меѓутоа минатиот понеделник (14.11) чуварот на грчките каси постави јасен рок за сите кои должат повеќе од 150.000 евра. До денеска мора да се пријават, во спротивно нивните имиња ќе бидат објавени на интернет и ќе бидат кривично гонети.
Атинскиот политколог Дионизис Гусетис е скептичен и сака прво да види дела: „Со нетрпение ја чекаме листата со затајувачите на данок, чие обелоденување постојано се одложува. Се прашувам дали на оние кои затајуваат данок со ова им се дава последна шанса да ги подмират долговите или дали некои луѓе се обидувавт да добијат на време и да ги прикријат нивните прекршоци“.
Премногу често политичарите во минатото се закануваа дека ќе ги објават овие личности, но ништо од тоа, подвлекува Гусетис. Така што не е ни чудо што сивата економија сочинува 30 проценти од грчкиот економски потенцијал.
Капка во морето
Денес влијанието од економската криза најмногу го чувствуваат луѓето со ниски и средни примања. Новиот преоден премиер Лукас Пападимос значително ќе си ги подобри изгледите неговата програма за штедење да биде широко прифатена, ако ги принуди затајувачите на данок да си ги платат сметките. Гусетис меѓутоа стравува дека поддршката од големите политички партии за тоа не е разбирлива сама по себе. Истите политичари кои тврдат дека ќе му пружат поддршка на премиерот, постојано ќе му поставуваат сопки на патот, смета Гусетис.
Како и да е сметката на министерот за финасии Венизелос се исплати. Откако неговото министерство го постави ултиматумот и дозволи да бидат уапсени познати личности поради затајување данок почнаа да се пријавуваат голем број граѓани со помали долгови, со молба да си ги подмират сметките. На тој начин последните недели биле собрани четири милиони евра. Во секој случај капка во морето долгови на Грција.
Автор: Јанис Пападимитриу/ Александра Трајковска
Редактор: Симе Недевски