Летаргична реакција на Македонија
24 август 2015„Тоа се слики како од некоја војна“, се констатира на самиот почеток на написот во „тац. ди тагесцајтунг“ од Берлин со наслов „Во бегство од полициски пендреци и во опасност на море“. Во него се дава слика на состојбата со бегалците кои по копнен или морски пат се обидуваат да стигнат до ЕУ. Притоа, кај првите во фокусот е Македонија. „Илјадници мораа да кампираат на грчка страна по дожд и без доволно снабдување со вода и јадење. Македонските безбедносни сили употребија палки и шок-бомби за да го спречат минувањето на границата. Бегалците седнаа на шините и го блокираа меѓународниот железнички граничен премин“, опишува „тац“. Откако потоа известува дека „од навалицата (на бегалците - н.з.) безбедносните сили капитулираа“ и „во неделата попладне полицијата навистина остана на границата, но веќе не напаѓаше“, весникот го пренесува и ова: „’Македонската полиција ни рече: Добредојдовте во Македонија. Ве чекаат возови и автобуси‘, рече за ’Гардијан‘ (англиски весник - н.з.) изненадениот бегалец Абдулах Билал, кој потекнува од Алеп во Сирија. Тој беше штотуку дојден од Грција. (...) Илјадници луѓе, доаѓајќи од Турција, преку Кос и други грчки острови во Егејот деновиве ќе стигнат на територија на ЕУ. Затоа, за очекување е дека бројката на бегалците, кои преку Македонија го продолжуваат патот кон Србија, во никој случај нема да се намали“, оценува „тац“.
Засрамувачки постапки, а Европа молчи
„Берлинер цајтунг“ пишува за оградата што ја подига Унгарија на границата кон Србија за да ги запре бегалците и ги опишува нивните попатни искушенија. „Во Македонија и Србија бегалците, ако бидат регистрирани, можат 72 часа легално да ги користат средствата за јавен превоз и ја плаќаат само вообичаената цена на билетот. Во Унгарија се 48 часови. Можноста де факто се користи само за да се стигне во наредната земја. (...) Оние што доаѓаат, известуваат дека не биле попречувани ни од македонските, ниту од српските полицајци. Транспортот беше организиран од трупата за брза интервенција на македонската полиција - истата единица која во петокот против бегалците примени солзавец и шок-бомби“, забележува „Берлинер цајтунг“.
Истиот весник во друг напис се задржува на улогата на еврокомесарот за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос, надлежен и за бегалците. Во текстот прво се констатира дека е засрамувачко што Велика Британија го блокира во Кале приодот за бегалците кон тунелот под Ламанш, што Унгарија гради гранична ограда кон Србија а „македонската војска на границата кон Грција ги тепа бегалците кои сакаат да одат во ЕУ. Но, Европа молчи. И Димитрис Аврамопулос исто така“. За него весникот вели дека е „колеблив“ и се однесува како да е само „гостин кај оградата. Но, ЕУ-државите го губат трпението. (...) Ситуацијата е премногу тешка, за да може уште да се чека. Оланд чувствува притисок од десничарката Мари Ле Пен, Меркел од вознемиреноста во покраините и комуните - при сета готовност на населението за помош. Загрозено е дури и патувањето без гранични контроли. Кризата ги растресува европските темели“, оценува „Берлинер цајтунг“.
„Незадржлива навалица“
„Македонија и Србија реагираат различно на реката бегалци од југот. Не успеа обидот на Македонија да ја запре бегалската река со блокада на границата. Србија, напротив, реагираше брзо на ситуацијата. Но и таму сакаат да извршат посилен притисок врз богатите земји“, извлекува во поднасловот „Ное цирхер цајтунг“. „За разлика од Србија, која брзо подготви минимална инфраструктура, македонската држава реагира летаргично на кризната ситуација. Дури сега властите почнаа да градат центар за прифаќање на бегалците кај Гевгелија. Додека во Македонија бегалците беа пречекани со гас-солзавец, во Србија министерот за одбрана отиде во Прешево и објави изградба на уште еден бегалски логор. (...) Ставот на населението во однос на бегалците во Србија и натаму е позитивен. Забележителна е готовноста за помош во делови од населението. Не толку невладините организации - кои чекаат на донации, туку првенствено спонтано формираните граѓански групи им носат прехранбени производи и облека на бегалците во парковите и организираат игри со децата. (...) Но, на многу места се критикува пасивноста на ЕУ. Македонија досега доби симболична помош од ЕУ, се пожали владин претставник во Скопје. И во Србија владата апелира до ЕУ на проблемот со бегалците да му пријде на европско ниво. Никој на Балканот не превиде колку немоќно на овој тест на докажување реагира ЕУ, на која долго време и’ се воодушевуваа и која ја посакуваа“, заклучува „Ное цирхер цајтунг“.