Македонија ќе има енергетска стабилност и без „Јужен поток“
8 април 2014Најавата на американскиот дипломат Kарлос Паскал, задолжен за разработка на енергетската политика на САД кон светот, дека ЕУ ќе ја суспендира изградбата на рускиот гасовод „Јужен поток“ кон Балканот, отвори прашања во македонската јавност: како тоа ќе се одрази на енергетската стабилност и кои се енергетските алтернативи на земјата? Во време кога низ рускиот гасовод „течат“ последиците од украинската криза, а европските санкции може да ја блокираат трасата на „Јужен поток“, во Македонија владее воздржаност. Засега нема владин одговор како ваквата одлука на Брисел ќе се одрази на Македонија, која требаше да добие крак од тој гасовод. Од државната компанија „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР), која заедно со „Гаспром“ требаше да го гради кракот, немаат коментар.
„Нашиот став ќе го соопштиме кога ќе добиеме официјална потврда за она што го најави Карлос Паскал. Немаме никаква официјална информација за суспензијата на проектот“, вели Крсте Миладинов, извршен директор на МЕР.
Според експертите, Македонија е енергетски сиромашна земја, а еден од основните параметри што влијае на развојот на економијата е токму енергијата. Од тој аспект, суспензијата на изградбата на „Јужен поток“ може делумно да се одрази, но само ако не биде пресретната со други соодветни решенија. Но, сметаат дека засега нема причина за паника.
Две алтернативи
Кои се енергетските алтернативи за Македонија ако се суспендира изградбата на „Јужен поток“ кон Балканот? Атанско Туневски, професор на Машинскиот факултет на УКИМ, вели дека прво треба да се провери дали е можно вклучување на Македонија во Трансјадранскиот гасовод - TAП (Transadriatic pipeline) кој се очекува да започне да се гради во 2015 година, од конзорциум од големи европски енергетски компании.
„Изградбата на овој гасовод има голема поддршка на највисоко ниво и од ЕУ и од САД. TAП треба да донесе азербејџански гас, преку Турција, Грција, Албанија и Јонско Море до Италија. Во Италија и Грција TAП ќе биде поврзан со постојната гасна инфраструктура. Потребно е да се испита можноста да се изгради крак од гасоводот TAП кон Mакедонија. Капацитетот на ‘Јужен поток‘ е 31 милијарда кубни метри гас, а капацитетот на TAП е 10 милијарди кубни метри гас, со максимум во некоја далечна перспектива од 20 милијарди кубни метри. Македонија е мал потрошувач на гас, така што нејзиното вклучување во овој гасовод не би било проблем од аспект на капацитетот на гасоводот. Албанија, на пример, троши само 20 милиони кубни метри гас годишно, а Грција околу 4 милијарди“, објаснува Туневски.
Втората алтернатива, според Туневски, е изградбата на голема термоцентрала на јаглен, пред се‘ од увоз преку пристаништето во Солун, со моќност од најмалку 600 MW, која ќе ја елиминира потребата Македонија да увезува електрична енергија и ќе го обезбеди енергетскиот суверенитет на државата на подолг рок.
„И двете алтернативи се неостварливи на краток рок, односно за нивна конечна реализација се потребни 7- 8 години. Потребните инвестиции за изградба на термоцентралата се околу 700 милиони евра или околу 100 милиони евра годишно. Со оглед дека се‘ уште нема најави за посериозни инвестиции за изградба на производни капацитети, Македонија ќе продолжи економски да се исцрпува со увоз на електрична енергија од околу 200 милиони евра во просек годишно“, констатира Туневски.
Без паника
Со само 130 милиони кубни метри природен гас, колку што лани се потрошија во земјата, Македонија се смета за многу мал корисник на овој енергенс. Од постоечката цевка со капацитет од 800 милиони метри кубни, се користат само 10 до 15 отсто, со тоа што новата гасна централа во Скопје за време на зимскиот период може да ја зголеми потрошувачката и до 30 отсто. Засега само неколку компании, Клиничкиот центар, две училишта од Скопје и неколку јавни институции во Куманово го користат гасот. Во Струмица на гасоводната мрежа се поврзани 14 големи потрошувачи - училишта, градинки и општинската зграда. Гасот во Струмица се носи од Бугарија во компресирана состојба, во станицата во Струмица се декомпресира и потоа се пушта во гасоводната мрежа. Д-р Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, вели дека Македонија нема причина за згриженост.
„Искористеноста на постојниот гасоводен систем е мала, од 10 до 15 отсто, што значи дека има уште многу ‘простор‘ во неговиот капацитет. Сметам дека Македонија нема да има енергетски проблеми во наредните седум до десет години, а тоа е доволен период да се решат и надминат потенцијалните проблеми во оваа сфера“, вели Димитров.
Повеќето енергетски експерти, излез гледаат во фактот дека трасата на ТАП поминува на 50 километри од македонско-грчката граница. Гасот ќе доаѓа до Европа од едно од најголемите наоѓалишта - Шах Дениз во Азербејџан, каде што се проценува дека има околу 1.200 милијарди метри кубни гас. На ТАП се гледа како прва важна алтернатива да се разбие рускиот гасен монопол во ЕУ, а балканските земји да добијат и енергенс и „ослободување“ од политичките влијанија на Москва.
Зимата ќе пресуди
Енергетскиот биланс за периодот од 2014 до 2018 предвидува дека Македонија годинава ќе потроши за 4,4 отсто повеќе енергија отколку лани. Пораст на потрошувачката се предвидува кај сите видови енергија и енергенси, при што најголем пораст се очекува кај природниот гас за 38,8 отсто и кај геотермалната енергија за 17,5 отсто, а за останатите видови порастот е помал од 5 отсто. Од вкупните потреби за енергија 57,5 отсто ќе се обезбедат од домашни извори, а 42,5 отсто од увоз. Годинава се планира потрошувачката на природен гас да изнесува 328 милиони нормални метри кубни, што е за 75 отсто повеќе во однос на лани. Тоа се должи на најавената потреба од природен гас на ТЕ-ТО и зголемувањето на дистрибутивните потрошувачи во Куманово и Струмица, како и на останатите потрошувачи во Скопје. До 2018 година вкупната потрошувачка на природен гас се предвидува да расте со просечна годишна стапка од 13,9 отсто.
Експертите се согласуваат дека енергетската проблематика е длабока и деликатна, бидејќи природниот гас, како и сите енергенси, е стратегиско и политичко оружје, а кој ќе победи во „војната со гасот“ ќе се покаже уште оваа зима.