Македонија повторно ја отвори границата за бегалците
21 јануари 2016
Околу 2 илјади мигранти почнаа да ја преминуваат границата кон Македонија попладнево откако земјата условно повторно ја отвори својата граница кон Грција.
„Граничниот премин за мигрантите во близина на Гевгелија е отворен утрово, но само за оние мигранти чии документи од Грција утврдуваат дека нивната крајна дестинација се Германија или Австрија“, изјави висок полициски службеник во Скопје за Франс Прес.
Во претходните 48 часа границата беше затворена за бегалците. Властите во Скопје тврдеа дека одлуката е резултат на проблемите со словенечките возови поради што бил забавен транспортот на мигрантите, додека словенечката железничка компанија инсистира дека нејзините возови сообраќајот нормално.
„Македонија привремено ја затвори границата по барање на Словенија. Причината е дефект на пругата во Словенија, па поради тоа ни мигрантите кои влегуваат во Македонија не можат да го продолжат патувањето“, објасни македонски полициски функционер за АФП.
Од друга страна, и покрај тоа што словенечките железници јавија за технички проблеми кои го отежнуваат сообраќајот на границата кон Хрватска, портпарол на компанијата тврди дека „возовите сообраќаат нормално“.
Резервен систем во Македонија и Бугарија
Чешкиот премиер Бохуслав Соботка пред два дена предложи „резервен граничен систем“ на границата меѓу Бугарија и Македонија, доколку Турција и Грција не успеат да го регулираат приливот на мигрантите во Европа. Според Соботка, ваквиот систем ќе ја намали зависноста на Европа од Грција за контрола на надворешните граници.
Во сличен тон, и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Шијарто оцени дека ЕУ можеби ќе мора да се сврти кон Бугарија и Македонија за да се справи со мигрантската криза и да го запре протокот на луѓе кон Европа.
Премин само за азиланти во Германија и Австрија
Во меѓувреме Србија и Хрватска најавија дека ќе дозволат премин само на мигранти кои ќе се согласат да бараат азил во Австрија или Германија.
Потегот доаѓа откако Австрија сигнализираше дека ќе го ограничи бројот на бегалците и ќе започне да ги враќа оние кои сакаат да бараат азил во скандинавските земји, откако Шведска и Данска повторно воведоа гранични контроли.
Српскиот министер Александар Вулин соошти дека мигрантите „нема да можат да го продолжат своето патување доколку не искажат намера да бараат азил на територијата на Австрија или Германија“.
Хрватскиот министер за внатрешни работи Ранко Остоиќ рече дека и неговата држава ќе го следи тој пример.
Екстремно ниските зимски температури, во меѓувреме, го направија патувањето на мигрантите уште потешко. Претставници на УНХЦР во Србија велат дека се зголемува бројот на луѓе кои пристигнуваат во кампот во Прешево „физички истоштени, исплашени и со потреба од медицинска помош“. Тоа особено се однесува на малолетните деца кои се почесто страдаат од грип и респираторни инфекции.