Ксенофобијата на Орбан ја загрижува Европа
12 јуни 2015„Не смееш да им го земеш работното место на Унгарците!“, оваа порака кон дојденците испишана на плакати со сина позадина во моментов може да се види низ цела Унгарија. Неупатениот набљудувач би помислил дека плакатирањето преку ноќ го извршила некоја неонацистичка група. Но, оваа „промотивна акција“ ја спроведува ни помалку ни повеќе, туку унгарската влада. Тоа е дел од широката кампања против бегалците и доселениците. Дел од таа кампања е и анкетирањето на граѓаните во рамките на ткн. национална консултација, а во која на Унгарците им се поттурнуваат сугестивни прашања за владата да добие поддршка за анти-доселеничката политика. Едно од прашањата гласи: нели е подобро финансиски да се поддржат семејството и раѓањето деца наместо парите да се трошат на доселеници?
Реторика на омраза
Во текот на оваа кампања Советот на Европа објави критички извештај за состојбата со човековите права во Унгарија. Посебно се споменува и прашањето на бегалците, а илустративно е дека извештајот го потпишува Комисијата против расизам и нетолеранција на СЕ. Оваа комисија наведува дека барателите на азил во Унгарија практично се ставаат во затвор, се малтретираат вербално и физички и немаат можност да се обратат до адвокат ниту кон организации кои им пружаат помош на бегалци. Се критикува и реториката на омраза против дојденците, но и против домашните Роми, Евреи и хомосексуалци, реторика која далеку ги надминува границите на десноекстремните кругови и навлегува во мејнстрим. СЕ бара од властите во Будимпешта одлучно да се борат против говорот на омраза и подобро да ги дефинираат санкциите во законот.
Унгарската влада го отфрла извештајот како невистинит. На Советот на Европа му се префрла дека од мал број поединечни случаи тенденциозно извлекол генерални заклучоци.
Но, Марта Пардави му верува на извештајот. Таа е на чело на Хелсиншкиот комитет во Будимпешта и тврди дека податоците на СЕ се засновани на сеопфатна и прецизна документација. Извештајот, што се однесува до бегалците, всушност ја опишува состојбата од претходната година, а во меѓувреме таа е далеку влошена, вели Пардави.
Десно и подесно
Владата во Будимпешта и конзервативната Фидес на премиерот Виктор Орбан веќе со месеци водат кампања против доселувањето и притоа не се оградуваат ниту од ксенофобија. Орбан постојано предупредува на доаѓачката пропаст на Европа и уништување на нејзините христијански корени- доколку Европа не ги чува своите граници. „Бриселските бирократи“ не можат да и кажуваат на Унгарија каква политика да води кон доселениците, вели Орбан и додава дека Унгарија мора да биде „унгарска земја“ и дека не се посакува „масовно мешање“ со други култури и религии. Премиерот уште и ветува дека ќе стори сѐ што може за да ја спаси Унгарија од мултикултурализмот.
Орбан е одамна познат по националистичка и популистичка реторија, но познавачите велат дека неговите актуелни настапи далеку ги надминуваат претходните. Причината е во зајакнувањето на десно-радикалната партија Јобик, која според анкетите заостанува само неколку проценти зад Фидес. Јобик е единствената сериозна закана за премиерот пред следните редовни избори закажани за 2018 година. „Фидес на тој начин се обидува да го држи во шах Јобик, но всушност само застапува една десничарска програма и на тој начин јакне“, вели политологот Атила Јухас од институтот Политички капитал.
Поинаку размислува политологот Агостон Мраз од институтот Незопонт, кој е близок од унгарската влада. Мраз смета дека премиерот Орбан се обидува „ умерено и со вистинска програма да одговори на причините поради кои Јобик стана толку популарен“.
Поинакви плакати
Како резултат на овие политики на владата, испитувањата на јавното мислење покажуваат највисок степен на ксенофобични ставови во унгарското општество од падот на комунизмот. Граѓанските активисти се обидуваат да преземат нешто, макар и симболично. Едно шаренолико движење во кое припаѓаат и сатиричната партија „Унгарска партија на сино-опашестите пци“ како и повеќе блогери-планира да започна сопствена акција за лепење плакати. И тие ќе бидат сини, но испишани на англиски јазик. „Простете му на нашиот премиер“ или едноставно „Добредојдовте во Унгарија“.