Критичките гласови во Бугарија стануваат посилни
2 мај 2015Речиси е неверојатно, но откако во 2007 година влезе во ЕУ, позицијата на Бугарија на ранг-листите за слобода на печатот континуирано се влошува. Таквиот развој е вчудовидувачки, но има објаснение за него.
Тогаш многумина од бугарските медиумски работници мислеа дека слободата е гарантирана „однадвор“ и воопшто не се занимаваа со таа тема. Тие станаа некритички. Од истата причина и претставниците на цивилното општество ја ограничија својата борба за медиумска слобода.
За време на комунистичкиот режим Бугарите се навикнаа на живот без слободен печат. Тогаш за најважните теми луѓето приватно си шепотеа. По сломот на стариот систем Бугарите набргу се вратија на стариот став дека не се важни јавните појави и процеси, туку приватното, пикантното во заднината. Медиумите го следеа тој тренд. По почетната политичка еуфорија во годините на пресвртот, тие полека стануваа булеварски. Следејќи ги законите на пазарот, денес најголемиот дел од нив се концентрира на тиражите и коефициентите - квалитетно новинарство не е нивна цел.
Паралелно со тоа, економската криза протера од бугарскиот медиумски пазар повеќе западни големи инвеститори. Вакуумот беше пополнет со помош на домашен капитал, делумно од сомнителни извори. Истовремено се преполови пазарот на реклами и огласи, а тиражите драстично се намалија. Медиумите по сила на околностите се’ повеќе стануваа инструмент во корпоративните битки.
Па сепак, меѓународниот рејтинг за слободата на печатот во Бугарија само го одразува самовреднувањето на бугарските медиумски творци. Оти токму тие луѓе се експертите и медиумските партнери чии мислења му даваат белег на рејтингот. Новинарите се резигнирани со оглед на масивното губење на симпатии и доверба во нивната професија. Во ова време само малкумина преостанати херои на секојдневието уште се борат за професионалната етика.
Големи очекувања од јавниот сервис
Медиумите од јавниот сервис во Бугарија досега се остров на плурализмот. Освен тоа, најголемиот дел од медиумите исцрпно известуваа за масовните протести во 2013. година, со што ја поддржаа праведната борба против олигархијата. Тоа дава повод за надеж дека ограничувањата на медиумската слобода предизвикуваат контрапритисок, кој на крајот би можел да ги надвладее тие ограничувања.
За нешто навистина да сакаш да имаш, мора болно да го почувствуваш неговото отсуство. Се чини дека во Бугарија е така од пред две години. Расте чувствителноста во однос на слободата на печатот, критичките гласови стануваат посилни. Ако дојде и до соодветна законска промена, Бугарија би можела повторно да се искачи на скалилата на рејтинзите, кои досега ја водеа само удолу.
Георги Лозанов е експерт за медиуми, универзитетски професор и заменик-главен уредник на неделникот „Култура“. Тој е и актуелен раководител на Советот за електронски медиуми во Бугарија.