Критики во Берлин за грчкиот пакет
22 јули 2011Германската опозиција и економските експерти се незадоволни од решението, со кое 17-те членки на еврозоната и одобрија нов пакет помош на презадолжената Грција.
Од опозициската Социјалдемократска партија оценија дека со постигнатото решение, кое што меѓу останатото подразбира пролонгирање на рокот на отплата на долгот и пониски камати, „ништо не се променило во фактот дека Грција не е во состојба да си ги подмири натрупаните долгови“.
Од Партијата на Левицата, пак, велат дека за конечно надминување на кризата се нужни законски измени со кои ќе се обезбеди дека „банкарскиот сектор, кој најмногу заработува во оваа монополистичка игра, ќе биде обврзан на плаќање“.
И шефот на германскиот Сојуз за следење на економскиот развој, Волфганг Франц смета дека постигнатото решение нема да биде доволно.
„Намалувањето на долгот на Грција за 50 отсто секако ќе беше подобро решение“, изјави Франц.
Стабилното евро е интерес на Германија
Усвоениот план за Грција предвидува нов пакет финансиска помош во кој ќе учествуваат европскиот фонд и Меѓународниот монетарен фонд. За првпат во обезбедувањето на средствата, кои се проценуваат на околу 109 милијарди евра, ќе учествуваат и приватни банки, осигурувања и фондови.
Првиот човек на Дојче банк, Јозеф Акерман, кој на самитот учествуваше како претседател на меѓународниот банкарски сојуз (ИИФ), оцени дека постигнатото решение „тешко ги погодува банките“. Сепак тој изрази уверување дека е направен значителен чекор и оцени дека станува збор за одлука со која треба да биде решен грчкиот проблем.
Германската канцеларка Ангела Меркел го пофали постигнатото решение и нагласи дека тоа е од исклучително значење за Германија.
„Тоа што ние Германците го правиме за да има стабилно евро, повеќекратно ни се враќа назад“, им порача Меркел на своите сограѓани.
Автор: БГ/бета
Редактор: Александра Трајковска