Крај на „маршот на надежта“
15 март 2016Грчкиот премиер Алексис Ципрас остро ја осуди акцијата на делење летоци, преку кои мигрантите биле намамени илегално да ја преминат македонско- грчката граница.
„Мора да престане оваа игра со човечките животи“, изјави Ципрас на прес-конференција во Атина.
Вчера, според проценките на македонските медиуми, околу две илјади мигранти од грчкиот бегалски камп Идомени успеаја да ја преминат македонската граница по странични патишта за илегално да влезат во соседната земја. Мнозинството бегалци, според извештаите на медиумите во Македонија, биле уапсени.
Во северногрчкото погранично место Идомени меѓу мигрантите биле поделени летоци со инструкции како можат да ја заобиколат жичената гранична ограда и да влезат во Македонија. Многумина се решиле да го следат повикот за премин на надојдената Сува река, при кој, како што тврдат грчките медиуми, некои биле повредени, а има и неколку загинати. Ципрас акцијата на делење флаери ја нарече „опасно однесување на сметка на бегалците.“ Тој од мигрантите побара доверба во грчката влада, повикувајќи ги од Идомени да се преместат во веќе подготвените прифатилишта во внатрешноста на земјата. „Исклучено е повторно отворање на Балканската рута“, прецизираше Ципрас.
Репортер на германската новинска агенција ДПА присутен на теренот, потврди дека македонските безбедносни сили принудиле дел од пребеганите бегалци да се вратат во Грција. Но, според грчките медиуми, на македонската страна сеуште се наоѓаат неколку стотици мигранти од вчера илегално влезените. Засега е нејасно што ќе се случува со нив. Дел од вратените мигранти во разговор со репортерот на ДПА тврдат дека од македонските полицајци биле спроведувани со помош на електрични пендраци. Други пак сведочат за „ноќ помината во заканувачка атмосфера“ на македонски терен. Пред нив наводно бил формиран кордон од полицајци со кучиња. Безбедносните сили ги урнале бегалските шатори и побарале од мигрантите да се вратат во Грција.
Портпаролот на грчкиот Кризен штаб за бегалската криза, Јоргос Курицис тврди оти егзодусот на бегалците кон Македонија бил организиран од непознати лица.
„В раце имаме летоци како потврда на организираноста на акцијата.“ Според грчките медиуми, можно е зад акцијата да стојат грчки левичарски групи. Грчките медиуми објавија копии од летоците, разделени меѓу мигрантте од страна на непознати лица. На флаерот е прикажан патот по кој мигрантите можат по заобиколен пат да влезат во Македонија.
Податоците на УНХЦР, Организацијата на ОН за бегалци, велат дека од почетокот на годината до 13 март од Турција преминале 143.2015 бегалци. Евиденцијата на грчката влада сведочи за 46.000 мигранти на грчка територија. Најголем дел од нив се воени бегалци, изјави грчкиот заменик министер за одбрана Димитрис Вицас. „Кај нас се наоѓаат само малубројни економски мигранти, на пример од северноафриканските држави“, дополнува тој.
Организацијата за човекови права Про азил планираниот договор меѓу ЕУ и Турција за бегалците го оценува за правно проблематичен. „Луѓето во потрага по заштита не смеат да бидат свесно предадени на држава која не сака да ги заштити“, изјави раководителот на Про азил, Гинтер Буркарт, во Берлин.
Планираната спогодба меѓу ЕУ и владата во Анкара предвидува бегалците пристигнати на грчките острови да бидат враќани во Турција. Околу темата в четврток и в петок повторно ќе дискутираат ЕУ-шефовите на држави и влади.