Крај за вештачките граници на Блискиот Исток?
23 јуни 2014Нема сомнение дека неочекуваното напредување на милициите на радикално-исламскиот ИДИЛ на Блискиот Исток повторно ги помеша картите. Зашто, на џихадистите од камено доба им успеа за неколку дена, без значаен отпор од ирачката армија, да стекнат контрола врз големи подрачја во западен Ирак, вклучувајќи ја и метрополата Мосул, вториот по големина град во Месопотамија. Во меѓувреме, борците од ИДИЛ веројатно ја стабилизираа својата власт во мнозински сунитскиот западен Ирак. Тие контролираат големи делови од источна Сирија долж реката Еуфрат. Освен тоа, очигледно им успеа да освојат стратешки важен граничен премин со Сирија. Значи, границата меѓу овие две држави, во кои транснационалните џихадисти сакаат да основаат џихадски калифат, дефакто не постои.
Дали распадот на Ирак, но и на Сирија, значи крај на системот „Сајкс-Пико“, како што велат многумина познавачи на Блискиот Исток? И, ако е така, што ќе следи по ова „пост-отоманско“ уредување?
Да потсетиме, постоечкиот систем на државите на Блискиот Исток е заснован врз Спогодбата на Марк Сајкс и Франсоа Жорж-Пике, со која во 1916 година се исцртани границите кои до денешен ден ја определуваат политичката географија на регионот. Како резултат на таа спогодба, но и други договори по Првата светска војна, настанаа денешните држави меѓу Средоземното Море и Тигар.
Кревки држави како основен проблем
Јасно е дека напредувањето на милициите од ИДИЛ е голема терористичка закана за регионот. Но, ако се погледне малку подобро, станува јасно дека ваквиот развој е само симптом на подлабоките проблеми во регионот.
Најголем проблем се кревките држави. Колку се слаби пост-колонијалните арапски држави, се покажа пред три години, во текот на Арапската пролет, посебно во Либија и во Сирија.
Претходно, неспособната администрација на американскиот претседател Џорџ Буш, со цела низа неверојатни грешки, повеќепати предизвикуваше хаос во Ирак. На прво место е големата грешка-поддршка од САД за Нури ал-Малики. Шиитскиот премиер со својата секташка политика лично придонесе за отуѓувањето на сунитите и Курдите, а со тоа и за распаѓање на пост-Садамски Ирак. Тој подготви терен за подем на ИДИЛ и други групи џихадисти.
Се бараат прагматични сојузи
Овие судири се резултат на борбата за превласт меѓу Иран и Саудиска Арабија. Тој хегемонијален судир го разгорува старото непријателство меѓу сунитите и шиитите и го експлоатира политички. Со тоа се блокирани сите пристапи за прагматично решение на судирот.
По дебаклот во Сирија и заради контролирање на прекуграничниот судир со ИДИЛ, се бараат прагматични сојузници.
Се чини дека лидерите во Техеран и во Ријад увидоа оти целосно незапрените џихадисти од ИДИЛ донесуваат неизмерни ризици за обете земји. Посебно, зашто државите во распаѓање навистина не им се потребни во регионот.
Бидејќи моментно слабиот Запад не може да дејствува како надворешна сила која ќе воведе ред, се‘ останувана регионот. Американците затоа би требало да користта директна телефонска линија меѓу иранскиот претседател Рохани и саудискиот крал Абдула, за во Ирак да биде овозможено формирање влада на национално единство, се разбира, без Нури ал-Малики.
Во најдобар случај, тоа може да биде прв чекор кон создавање нова архитектура на соработка во регионот. Со џихадистите, се разбира, не може да се прави држава. Поради тоа, најавата за крај на блискоисточниот систем држави „Сајкс-Пико“, беше преуранета.