Којпштрасе 10 години по нападот на НСУ
8 јуни 2014„Беше како сега, фризерот беше кај своите муштерии“. Митат Ездемир од иницијативата „Којпштрасе е насекаде“ покажува кон Хасан Јилдирим во фризерскиот салон „Оцкан“, на улицата „Којпштрасе“ број 29, во Келн. Тој често разговара со него и останатите жртви за тој 9 јуни 2004 година. Тој летен ден, директно пред излогот, еден маж оставил дамски велосипед. Во куферот ставен на багажникот на велосипедот имало бомба со шајки која имала повеќе од пет килограми експлозив. Фризерот Хасан Јилдирим (на насловната фотографија) не претчувствувал ништо. Накусо погледот му се сретнал со погледот на човекот кој велосипедот го оставил близу излогот. Хасан Јилдирим забележал дека под неговата безбол-капа има руси кадрици и си помислил дека е муштерија кој доаѓа на пострижување. Но, човекот исчезнал.
По неколку минути, непосредно пред 16 часот, огромна експлозија ја потресла Којпштрасе. Бомбата активирана со далечински управувач го уништила фризерскиот салон и неговата околина. На земја паднал и златарот Метин Илбај. Тој бил седнат на мало столче пред својот дуќан, на 13 метри оддалеченост од бомбата на другата страна на улицата. Во воздухот имало чад, а насекаде летало стакло и неколку стотици шајки со должина од 10 сантиметри. Имало луѓе кои раскрварени лежеле на земја, други бегале врескајќи.
Златарот Илбај поради тоа што бил во шок во првите моменти и не забележал дека во налактицата и рамото има забиени шајки. Потоа почувствувал болка, видел крв на ногата. Една шајка му била забиена во бедрото. „Имав голема среќа“, се сеќава денес 59-годишниот Илбај. Тој дише длабоко и вели: „Ако стоев, шајките ќе ми се забиеја директно в глава“. Кога мисли на нападот, како што вели, „ми паѓа моралот“.
Можеше да настрада секој
Во нападот беа повредени 22 лица, четворица од нив - тешко. Среќа во несреќа е што никој не загина. Нападот можеше да го погоди секого. И синот на Митат Ездемир минал само неколку минути претходно покрај фризерскиот салон.
Десноекстремната терористичка група Националсоцијалистичко подземје (НСУ) им се потсмеваше на жртвите. На видео снимката која се појави дури во ноември 2011 година, по смртта на двајцата осомничени атентатори Уве Мундлос и Уве Бенхарт, цинично се вели: „Бомбастично расположение на Којпштрасе“. Целта на атентаторите, според обвинителството во судскиот процес против НСУ, била „да се убијат и повредат што е можно повеќе муштерии и минувачи“. Видео снимки од напаѓачите имаше уште во 2004 година. Со камерата за надзор на Шанценштрасе, која се сече со Којпштрасе, атентаторите се снимени повеќе пати, како со велосипедот со бомбата, така и со велосипедите со кои побегнале непосредно по нападот.
Сомнежи наместо сочувство
Министерот за внатрешни работи Ото Шили уште на денот на нападот изјави дека нападот нема терористичка позадина, туку се‘ укажува на „криминално милје“. Ниту тој, ни неговиот колега од покраината Северна Рајна Вестфалија, Фриц Беренс, не ги посетија жртвите. На Којпштрасе со месеци речиси немаше муштерии. Жртвите не добија ниту сочувство од јавноста, ни психолошка помош. Осомничени беа тие самите и нивните соседи.
Сослушувањата во парламентарната комисија задолжена за случајот НСУ го потврдија впечатокот на жителите на Којпштрасе дека истрагата била водена премногу еднострано. Се истражувало интензивно и опширно во насока на организиран криминал и турско-курдски конфликти. Во насоката на десен есктремизам одвај дека нешто се истражувало. Истрагата е запрена во 2008 година.
„Порано никогаш не помислував ништо лошо за Германија. Тоа, за жал, се промени“, вели Илбај. Тој става јасно до знаење: „Повеќе сум Германец од Турчин - 43 години сум во Германија, а 16 во Турција“. Работел постојано, плаќал даноци. Неговите деца и внуци имаат германски пасош.
На првиот ден од НСУ-процесот во Минхен, Илбај како котужител бил во Минхен. Му било тешко да ја гледа главнообвинетата Беате Чепе како „опуштено, со гума за џвакање, смеејќи се, седи таму и флертува со својот адвокат“. Таа добива пијалоци како да „е седната во кафуле“.
Копнеж по респект
Судот во Минхен дозволи присуство на 35-мина котужители од Којпштрасе во процесот против НСУ. Иницијативата „Којпштрасе е насекаде“ сака да ги придружува во Минхен и склучува контакти со групи од други градови во земјата. Метин Илбај смета дека тоа е многу добро, зашто погодените се чувствуваат посилни кога ќе видат дека „зад грб имаме иницијатива“.
Да се стори нешто заеднички, на еднакво рамниште - тоа е работа која му лежи на срце на Митат Ездемир. Тридневниот фестивал (од 7 до 9 јуни) по повод 10-годишнината од нападот, под мото „Бирликте - Заедно“, според него не е доволно: „Што потоа?“ Тој сака работите да се расчистат „за ништо веќе да не се турка под тепих“. И сака Којпштрасе да стане место на културна размена, каде, на пример, едно семејство од Германија и едно од Анатолија ќе се запознаат во ресторан, на еднакво рамниште, без предрасуди.