Коѕиас: За името постои решение
24 јуни 2015Спорот за името, мерките за градење доверба, како и унапредување на билатералните односи во повеќе области, беа тема на денешната средба во Скопје на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Попоски и Никос Коѕиас. Македонија е првата држава што ја посетува Коѕиас во рамките на неговата мини-турнеја низ Западен Балкан за зацврстување на врските и на соработката на Грција со балканските држави и за одржување на регионалната стабилност.
„Грчката надворешна политика верува дека оваа земја е благодет и е носител на стабилноста и безбедноста. Правиме се‘ што можеме да помогнеме на вашиот пат кон ЕУ. Веруваме дека постоењето и стабилноста на оваа држава е дар на Балканот. Постои една разлика во однос на името, но за секој проблем постои и решение“, изјави Коѕиас на прес-конференцијата со македонскиот колега Никола Попоски.
Македонскиот министер нагласи дека денеска не е постигнато решение за името, но е постигнат договор за повеќе мерки за градење доверба кои ќе придонесат за надминување на разликите во духот на европските вредности и согласно заедничките интереси.
„Денешниот заклучок е дека правиме нов чекор за заемен активен пристап и за поттикнување практична соработка. Најслабата алка изминатите неколку децении во нашите билатерални односи е секако довербата која очиглено била на недоволно високо ниво. Најсилна алка, пак, во нашите односи бил интересот и мотивот на нашите граѓани, бизниси и општества да се поврзуваат и да соработуваат. Со денешниот чекор цениме да ја зајакнеме најслабата алка преку најсилната. Едноставно имаме традиција на недоверба која заедно можеме да ја надминеме и сметаме дека соработката е најдобра мерка за градење доверба“, рече Попоски.
Коѕиас, покрај средбата со ресорниот колега, имаше и средба со премиерот Никола Груевски, како и разговори со претседателот Ѓорге Иванов, со кого имаше и работен ручек. Освен тоа, грчкиот министер се сретна и со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими. Шефот на грчката дипломатија кој пред неколку недели се сретна со Бесими во Атина, тогаш најави дека во Скопје доаѓа со добра волја за соработка, оптимизам и очекување дека договорот за мерките за градење доверба ќе биде финализиран. Станува збор за мерки кои се однесуваат на подобра економска, техничка и културна соработка, отворање нов граничен премин во Преспа (Маркова Нога), договор за воспоставување железничка врска со Битола, договор за избегнување на двојно оданочување, поголема културна и образовна соработка. Мерките за доверба, кои подолго време беа договарани меѓу двете министерства за надворешни работи, се очекува денеска да бидат прецизирани и презентирани.
Без големи очекувања
Посетата на Коѕиас доаѓа во тежок период за двете земји. Грција се‘ уште нема постигнат договор со кредиторите од ЕУ во однос на должничката криза, а рокот истекува на 30 јуни. До истиот термин, Македонија со помош на европско медијаторство треба да усвои финален договор за излез од политичка криза. Поради притисокот на роковите и неопходноста од итни мерки во двете земји, аналитичарите во посетата на Коѕиас не гледаат сигнали за позначајни активности во однос најтешкото прашање - спорот за името. Од средбата нема големи очекувања професорот Стево Пендаровски, кој го следи развојот на грчко-македонските односи.
„Мој впечаток е дека на македонската страна, во овој период и‘ е очајно потребна меѓународна активност за да покаже две работи - прво дека не е меѓународно изолирана по скандалот со 'бомбите', кој во целост ја уништи нејзината надворешна репутација и второ, дека таа се‘ уште има капацитет да испорача ветување за решавање на спорот со името, кој очигледно е нејзиниот последен џокер во раката за обезбедување на надворешна поддршка за останување на власт. Проблемот со последново е што двете други страни на триаголникот на спорот без кои не е можен успех - меѓународната заедница и Грција, не само што не го третираат спорот како свој приоритет, туку сосема го имаат заборавено поради своите внатрешни проблеми со грчката должничка криза, бегалците, војната во Украина и санкциите кон Русија. Со оглед на фактот дека теренот за приближување на ставовите ни од далеку не е подготвен, ќе сведочиме за уште една минлива елизода за внатрешна употреба која брзо ќе биде заборавена“, вели Пендаровски.
Поинаков пристап
Фактот, дека фокусот на разговорите повеќе ќе биде ставен на прашања од заеднички интерес на граѓаните од двете земји отколку на жешкото прашање за името, посредно беше навестен и од министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
„Темата за името е неизбежна кога се работи за Грција. Но, она што можеби е специфично во овие услови, се договоривме да имаме малку поинаков пристап. Многу сме далеку од решение за името, но тоа не би требало да не‘ спречи во градење подобра, попозитивна клима помеѓу двете земји од која крајниот бенефит би го имале граѓаните. Останува пред нас да најдеме решение за главната причина за блокадата која ја имаме во евроатлантските интеграции“, изјави Попоски.
Во рамките на посетата Коѕиас треба да се сретне и со лидерите на СДСМ, ДПА и ДУИ.
Грција е значаен економски партнер на Македонија и најголем инвеститор, со учество од 17% во вкупните инвестиции. Таа претставува трет најголем пазар за македонските производи. Петте најизвезувани производи од Македонија учествуваат со околу 55% во вкупниот извоз кон Грција. Најголемо учество во структурата на македонскиот извоз имаат текстилот, железото и челикот, што ја потврдува огромната важност на состојбите и случувањата во Грција за македонската економија. Од друга страна, македонските туристи секое лето и носат на Грција приходи во туризмот од 600 милиони до една милијарда евра. Ваквите податоци не ги потценува ни Грција, ни Македонија.
Коѕиас во Скопје пристигна од Луксембург, а од Скопје ќе замине во посета на Белград.