Конференција за Палестина во Берлин
24 јуни 2008На покана на германскиот Министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер во Берлин се собираат високи претставници на 41 земја со цел да им помогнат на Палестинците да ги удрат темелите на функционален правосуден систем, како и на ефикасна полиција. Со пари и практична помош при обуката на полицајци и судии меѓународната заедница сака да им пружи помош на Палестинците во создавањето услови за функционална правна држава. Домаќинот на средбата, шефот на германската дипломатија, Франк Валтер Штајнмајер, смета дека идејата за создавање две независни држави што мирно ќе коегзистираат е остварлива. За тоа има и конкретни индикации:
„Во моментов имаме нова динамика. Не станува збор само за преговорите за мир и стабилизација што беа поттикнати со конференцијата во Анаполис, туку имаме и индиректни преговори меѓу Израел и Сирија. Исто така на сила стапи и примирјето меѓу Израел и Појасот Газа. Поради сето тоа сметам дека имаме основа врз која можеме да му пружиме поддршка на таквиот позитивен развој на настаните од последниве недели...“
На правната држава и’ требаат институции
Без функционални институции, нема ни функционална држава, тврди Штајнмајер, кој заедно со канцеларката Ангела Меркел денеска свечено ќе ја отвори конференцијата во Берлин. Но, со оглед на фактот дека Палестинците се’ уште немаат држава, тој е соочен со приговори дека денешната конференција можеби го прави вториот чекор пред првиот:
„Вистинската работа мора да ја завршат страните во конфликтот. Но, Германија, членките на ЕУ и целата ЕУ можат да ги подобрат рамковните услови и со тоа да им пружи поддршка на преговарачите од обете страни.“
Сериозни проблеми во мировните преговори
Мировните преговори, како централно јадро на мировниот процес, се одвиваат споро. Со овој проблем на маргините на конференцијата ќе се занимава и Меѓународниот Квартет за Блискиот исток. Проблемите се навистина големи:
„Палестинските подрачја се фактички поделени. Растечките еврејски населби на Западниот брег и во Ерусалим дополнително ги оптоваруваат преговорите. А тука е и слабата централна власт на Палестинците, која во минатото речиси не располагаше со никакви средства за да обезбеди сигурност.“
Безбедност за Палестинците и за Израелците
Токму таа слаба централна власт треба да добие поддршка со денешната конференција во Берлин. Меѓународната заедница треба да обезбеди уште повеќе советници за создавањето полициски и правосудни структури, а ќе се слеат и поголеми финансиски средства во изградбата на соодветни инфраструктурни објекти. Целта на германската влада и на меѓународната заедница при тоа е двојна: зголемена безбедност во палестинските автономни подрачја, што автоматски ќе значи и зголемена безбедност за Израел.