Контролиран хаос со бегалците на Хиос
23 јануари 2016Потхити Китромилиди пуши цигара и гледа во далечина преку темното море, на турскиот брег. Ноќ е, а Китромилиди е координаторка на спасувачката екипа ФЕОКС, на една грчка хуманитарна организација. Таа стои на југозападната страна на островот Хиос. Откако турската крајбрежна стража го засили надзорот, бегалците почесто доаѓаат навечер. Во изминатите денови само ретко кој се осудуваше да премине со чамци, но не поради пограничните контроли, туку поради лошото време, вели Китромилиди. А властите „се однесуваат како да работат само за време на работните денови, а за викенд се слободни“.
„Не ги гледаме, само ги слушаме“
Но, сега е морето мирно, Китромилиди очекува долга ноќ. Преку воки-токи разговара со својот тим. Тие се со своите мотоцикли на терен. „Не ги гледаме, само ги слушаме“, вели таа. А тогаш некој се јавува од терен: „Стигна чамец! Стигна чамец!“ . Китромилиди влегува во својот автомобил и вози кон местото каде што од чамец на брегот излегоа 45 мокри и премрзнати Авганистанци.
Спасувачкиот тим им дава на луѓето сува облека и термо-покривки. Помош пристигнува и од норвешката хуманитарна организација „Капка во океанот“. Шпанските лекари им пружаат помош на повредените. И покрај плачот на децата и писокот на возрасните од болки, целата оваа збрка изгледа како да е под контрола. Соблекување на мократа облека, облекување сува, пластичните вреќи ги заменуваат мокрите чорапи. Сите стојат во ред пред автобус. Волонтерите го собираат отпадот.
Нова тактика на криумчарите
Во ЕУ криумчарите ја менуваат својата стратегија. Секогаш кога изгледа дека реката бегалци е намалена, одеднаш се појавуваат голем број бегалци во кус период, што е премногу за уредно згрижување. Изминатиот викенд само на Хиос стигнаа над 3.000 бегалци.
„Бројките од есеноска се постабилни и веруваме дека така ќе остане до март“, вели Едит Шазел која работи за норвешката организација за помош на бегалци. „Сите сме изненадени што тие пристигнуваат и покрај студот и немирното море.“
Спасувачките екипи исто така забележуваат дека бегалците не ги напуштаат чамците дури кога ќе стигнат до брегот. Криумчарите ги присилуваат порано да скокнат в море и да пливаат до брегот, а тие во чамци се враќаат назад во Турција.
Бебе фрлено во море
Неодамна Михалис Миерусис од организацијата ФЕОКС мораше да плива за спаси едно бебе, кое едноставно беше фрлено во море. Детето немаше ни една година, но сепак преживеа. Миерусис претпоставува дека такво нешто се случува почесто, бидејќи на криумчарите им недостасуваат чамци. „За жал тоа не е ништо необично“, вели тој. „Голем број луѓе се фрлаат во море, а ние на овој начин мораме да ги спасиме.“ До Хиос и чамците се враќаат назад во Турција. Има секакви гласини. Криминалните активности во моментов се концентрираат на плажите околу турскиот град Чесме, каде напуштените хотели служат како сместување за бегалците, пред тие да бидат префрлени во Грција. Ахмуд Игбал е од Авганистан. Раскажува дека 3 ноќи поминал во Чесме без храна и вода пред да успее да стигне на еден чамец. Со уште 15 Авганистанци со минибус е префлен до местото каде што се наоѓал чамецот. Минибусот прво го запрела полиција, а потоа сепак го пуштила, раскажува тој.
Искинати пасоши
На грчка страна ситуацијата не е толку хаотична, но сепак има низа проблеми. Бегалскиот камп Соуда во средината на островот Хиос е еден од најдобро опремените во Грција: изолирани шатори, кревети на кат, плинско греење. Во кампот за кој се грижат УНХЦР, локалните власти и разни невладини организации, има место за околу 700 луѓе. Волонтерите делат три оброци дневно на влезот во кампот.
Регистрацијата се одвива во една напуштена фабричка хала во близината на кампот. Барателите на азил се сместени се’ додека не бидат со траект превезени понатаму во Атина. Изгледа дека се’ е добро организирано, вели германската волонтерка Ребека Бекер, бидејќи едноставно сите се пуштени, без оглед дали имаат право на азил или не.
Протоколите на регистрација покажуваат дека речиси сите мигранти тврдат оти се од Сирија или Авганистан. Но, во кампот очигледно има многу луѓе од северна Африка. Освен тоа, на блиската плажа се пронајдени искинати ирански пасоши. Василис Балас, менаџер на кампот Суда вели дека поради однесувањето на турските власти навистина е намален бројот на ирански бегалци. „Но сѐ уште имаме многу луѓе од Магреб, и по некој од Бенин и Конго“, вели тој и се насмевнува. На прашањето зошто се смее, Балас одговара: „Не знам, луѓето би патувале околу светот додека не пронајдат отворена врата. Се смеам место да плачам“.