Кинаст подготвена за градоначалник на Берлин
6 ноември 2010Само во Берлин 30 проценти од избирачите ја поддржуваат политиката на Зелените, што е многу повеќе во однос на СПД, ЦДУ или Партијата на левицата. Шефицата на парламентарната група на Зелените, Ренате Кинаст, сака да ја искористи актуелната наклонетост на избирачите и вчера (05.11.) објави: „Подготвена сум, се кандидирам за позицијата градоначалник на Берлин. Еден град за сите!“
Изборите ќе се одржат во септември наредната година, а 54-годишната политичарка би била првиот градоначалник на Берлин од редовите на Зелените. Таа го обвини досегашниот градски татко Клаус Воверајт за неинвентивна политика. „Берлин заслужува многу повеќе, отколку безволно владеење“, истакна Кинаст.
Таа се заложи германската престолнина да ја претвори во место за иновативни индустрии, да овозможи подобро образование за сите и да ја намали невработеноста и долговите на градот.
Автор: ТТ/ АТ/ дпа/ ртр/ дапд/ дв
Редактор: Александра Трајковска