Кенет Ероу: Банкротот на Грција е неизбежен
22 јули 2011Проблемот на еврозоната е што постои единствена монетарна политика, а нема единствена даночна политика, вели професорот Ероу. Според него, Грција не би била соочена со актуелните проблеми, доколку постои политичко единство. Ероу вели дека, сепак, случаите на Шпанија и Италија не треба да се изедначуваат со оној на Грција.
„Мојот впечаток е дека Грција мора да банкротира. Нејзиниот долг го отплаќаат други европски земји, Германија и Франција и таквата состојба е неодржлива. Грција ќе мора да банкротира преку некакво репрограмирање на долговите, или можете да употребите и некој друг збор кој поубаво ќе звучи, сеедно.
Шпанија и Италија се нешто друго. Италијанскиот парламент веќе одлучи да преземе мерки и нивната намера е да го избалансираат буџетот за следните две години. Шпанија, пак, воопшто не се однесуваше расипнички. Нејзините јавни финансии не се воопшто лоши, туку проблем е многу лошата економска состојба“.
Професорот Ероу вели дека за разлика од Европа, во САД не се спасуваат пропаднатите сојузни држави. Таков е случајот и со Калифорнија и со државата Њујорк. И покрај нивниот банкрот, државата нема намера да го преземе нивниот долг. Оттука Ероу смета дека е погрешна политиката на некои европски држави да гарантираат за грчкиот долг.
„Оние што грешеле и треба да банкротираат. Оттука единствената дилема е дали тоа ќе го признаете преку билансите на банките. Ми се чини дека Европа е доволно богата за да го апсорбира тоа“, вели Ероу.
Европскиот проект нема изгледи за напредок
Професорот нема позитивно мислење ниту за пристапот на европските политичари кон решавањето на кризата која трае веќе со месеци.
„Првиот знак дека еден систем функционира е кога тој ги предвидува проблемите и ги решава веднаш без многу проблеми. Тука недостасува централно политичко раководство. Богатите земји преговараат меѓу себе, која од нив да го преземе долгот, а секоја има различни домашни ограничувања“.
Ероу проценува оти економската криза покажала оти европскиот проект кој започна по Втората светска војна повеќе нема изгледи за напредок, иако, вели тој, тоа не значи и негов крај. Според него, европската експанзија во изминатите децении била пребрза, а сега се повеќе до израз доаѓаат националните разлики. Оттука тој им советува на европските политичари да дозволат целосна либерализација на пазарот, без многу политичко влијание.
„Мора да се дозволи делување на пазарот до одреден степен, што потоа би ги растоварило и политичарите. Идејата за избегнување на секој идеал, според мене е неодржлив идеал. Мислам дека е од суштинско значење да се прифати дека се неопходни заедничка акција и некој нов ентитет кој би ги антиципирал проблеми и би ги решавал помирно. Многу од проблемите не би биле толку големи, доколку правилно би им се пристапувало“, вели во разговорот за Дојче Веле, нобеловецот Кенет Ероу.
Автор: Михаел Книге/Борис Георгиевски
Редактор:Трајче Тосев