Караџиќ се крие во манастир во Црна Гора !?
5 август 2005Радован Караџиќ според пишувањата на неделникот се крие во манастир во местото Јовански дол, во близина на Никшиќ. Станува збор за црковен објект, кој бил изграден пред неколку години по иницијатива на митрополитот црногорско приморски Амфилохие. Овој објект, чиј поголем дел се наоѓал под земја наводно бил непознат и за свештениците во Митрополијата од кои многумина не ни стапнале во подземните одаи.
Директорот на агенцијата за национална безбедност Душко Маровиќ ги окарактеризира како неточни информациите дека Караџиќ воопшто се наоѓа на територијата на Црна Гора. Само ден откако беше именуван на оваа фунција во интервју за весникот „Победа„ Маровиќ изнесе став дека во последно време се прават обиди за злоупотреба на Црна Гора. Идејата според него е со уфрлување на Караџиќ на црногорска територија властите во Подгорица да бидат обвинети за несоработка со Хаг и криење на обвинети.
Во меѓувреме претседателот на парламентот на Црна Гора, Ранко Кривокапиќ, го обвини српскиот премиер Воислав Коштуница дека се обидува да ја дестабилизра Црна Гора по добро познатото сценарио на Слободан Милошевиќ. Коштуница според него, самиот покажал дека во Црна Гора не гледа пријател, никогаш не престојувал во официјална посета, освен на црквата.
Во интервјуто за новосадски „Граѓански лист„ Кривокапиќ ја нарекува СПЦ како милитантна организација која се обидува да ја дестабилизира Црна Гора со исто сценарио како во Босна и Хрватска, додавајќи дека Митрополитот Амфилохие со ширење верска нетрпеливост и омраза веќе го пополнил своето досие за Хаг. Спорот меѓу властите во Подгорица и преставниците на СПЦ
Ескалира по последниот чин на поставување на верски објект на врвот од планината Румија.