Каква е иднината на независна Црна Гора?
23 мај 2006Оние кои тврдат дека со одвојувањето на Црна Гора од Србија е затворено последното поглавје од распадот на голема Југославија – не се во право. Против таа теза зборува нерешениот косовски проблем, најверојатно најголемото и најтешко наследство од поранешната државна творба на Јужните Словени. Но и во многу други од државите што произлегоа од неа се забележуваат силни центрифугални сили на национална основа. И во самата Црна Гора има голем дел од населението, кој е за останување во заедница со Србија. Во Босна и Херцеговина таква е состојбата со населението на Република Српска, кое тежнее кон спојување со Србија. Од друга страна, во Санџак, кој сега ќе биде поделен меѓу Србија и Црна Гора, живеат голем број Бошњаци, кои одгледуваат тесни политички и економски врски со Босна и Херцеговина. И тие се уверени дека подобро ќе ги решат своите проблеми надвор од државната заедница на која моментално и‘ припаѓаат. Голем дел од Хрватите во Херцеговина исто не се чувствуваат добро во сегашната државна творба. Истото важи и за поголемиот дел од Албанците во Македонија.
Значи постојат уште многу жаришта на незадоволство по национална основа, кај кои главната опасност не се наоѓа во евентуалното отцепување, туку во успорување, па дури и тотална блокада на политичкиот и економскиот развој. Тоа го покажаа и претходните етнички проблеми на Балканот. Овој факт како да сака да го заборави црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ кој во победничката еуфорија го превидува фактот дека неговата земја е длабоко поделена. Неговите ветувања за многу брзо приближување кон ЕУ, како и кон НАТО, нема да можат да бидат остварени. Поранешниот комунист превидува дека неговата мала држава е економски слаба, а со стекнувањето на независноста и политички нелабилна. Во неа има и големи дефицити на полето на борбата против организираниот криминал и корупцијата. Та дури и тој лично се наоѓа под сомневање за вмешаност во вносниот бизнис со шверц на цигари, за што против него во соседна Италија се води истражна постапка. Неговите политички противници тврдат дека со независноста Ѓукановиќ и кланот околу него сакаат уште повеќе да профитираат. А дури и дел од поборниците на независноста критизираат дека во оваа мала земја веќе ништо не оди ако човек нема добри врски со кланот на премиерот.
Поради сето ова ЕУ треба добро да внимава на „земјата со црните гори„ доколку не сака во европското предворје да има собиралиште на шверцери со цигари, со автомобили, па дури и со луѓе. А бројните посетители од Брисел треба да имаат храброст да му ја кажат вистината в очи и на големиот победник на референдумот Ѓукановиќ, без оглед што неговата популарност во црногорската јавност значително се зголеми по успехот на изјаснувањето за независност.