И вонредниот самит за Грција во редот неуспеси
23 јуни 2015Кај радикалните левичарски идеолози во грчката влада изгледа дека кратко пред крајот на одбројувањето сепак заискри некакво чувство за реалноста. Откако премиерот Ципрас речиси ја доведе неговата земја до банкрот, економијата повторно бележи пад, луѓето ги вадат своите пари, банките се нишаат, а туристите се воздржуваат од патување, играчите во Атина сепак одлучија да стават на маса понуда за која може да се преговара. Конечно, би рекле многумина.
Притоа целата оваа драматика воопшто не беше потребна. Решението, кое сега се наѕира, грчката влада лесно можеше да го договори уште во април. Поради нивната непримерна преговарачка тактика, тие ја прокоцкаа речиси сета доверба кај европските пертнери, Меѓународниот монетарен фонд , Европската централна банка, ама и кај меѓународниот инвеститори. Притоа, довербата е единствениот ресурс,кој всушност го има оваа земја без премногу природни суровини.
Полека станува смешно
Преку премногу задоцнетото презентирање на преговарачките позиции грчката влада го расипа и овој понеделник, кој всушност требаше да биде ден на одлука. Министрите за финансии од еврозоната повторно извадија повеќе или помалку неспастрени работи, затоа што немаше документи зрели за одлука. Вонредниот самит на шефовите на држави или на влади, кој всушност требаше да понуди сцена за драматичен пробив, поради непрофесионалната режија се претвори во „самит за советување“. Тоа е нова категорија, која германската канцеларка Меркел ја извади од ракав, за да го покрие срамот на средбата. Ако работите околу Грција и еврозоната не стоеја толку лошо, сето ова би било смешно.
Репутацијата на кризна менаџерка која ја следи шефицата на влада со најдолг стаж во Европа, Ангела Меркел, не можеше вистински да ја оправда. Таа имаше малку одговори на многуте прашања, делуваше беспомошно. Алексис Ципрас повторно ги остави европските партнери да чекаат, ги водеше на јаже низ целиот процес. Тој точно знае дека тие на крајот нема да го остават да банкротира, зашто последиците за обединувачкиот проект на еврото сепак би биле непресметливи. Значи уште една рунда преговори, уште еден самит во четврток.
Во меѓувреме моментот на вистината, заканувачкото излегување од еврозоната по 30. јуни, е сѐ поблиску. Барем грчката влада изгледа дека има сфатено дека продолжувањето на тековните програми за помош е неопходно за воопшто технички да биде возможна исплатата на пари. Тоа претпоставува во наредните 48 часа да биде донесена одлука. Алексис Ципрас од преостанатите 18 шефови на држави или на влади, сликовито кажано, доби удар во задникот. Тој сега мора да преземе одговорност и не може веќе да бара уште пари, му порача литванската претседателка Грибаускаите на грчкиот премиер. Дали оваа опомена има дејство? Дали Алексис Ципрас може на домашен терен да ги спроведе можните отстапки? Никој тоа со сигурност не може да го каже.
Веќе неиздржливо
Едно нешто е познато: грчката трагедија ни од далеку не е завршена. Ако биде постигната согласност нз втора програма за помош, тоа ќе ја држи над вода Грција, чии финансии се во катастрофална состојба, само неколку недели. Дури потоа всушност доаѓаат вистински тешките преговори за одржливо решение за проблемот со долговите. Тогаш ќе стане збор за веројатно неопходниот отпис на долговите, одлагањата на роковите и далекусежните реформи на државните структури во Грција. Значи најлошото допрва претстои.