Италија бара воени оштети од Германија
15 септември 2011Германија во понеделникот го извести највисокиот суд на ОН дека италијанските судови немаат авторитет да и‘ наредуваат на земјата да плати компензација за жртвите од нацистичките злосторства. Германија покрена случај против Италија во декември 2008-ма година, откако суд во Италија му нареди на Берлин да компензира за италијанските цивили испратени во германски логори во 1944 година.
Германија тврди дека пресудата „не го почитува правниот имунитет“, на кој денес Германија има право според меѓународното право.
Луиџи Ферини, Италијанец присилен да работи за нацистите, во 2004-та година доби случај во Врховниот суд на Италија, кој му даде право на репарации од Германија. Оттогаш илјадници случаи беа покренати во италијанските судови од страна на роднини и вдовици на жртвите на нацистичките воени злосторства.
Неизлечени рани
Нацистичка Германија извршила воени злосторства во Италија, откако Рим се вклучи на страна на Алијансата во септември 1943 година. Италија се жалеше во судот на ОН дека ѕверствата го прекршиле хуманитарното право, односно прекршени се меѓународните правни акти и договори.
Според различни договори, Германија веќе исплати десетици милиони долари воена оштета за злосторствата направени за време на Втората светска војна. Германија и Италија оваа недела спореа во случајот пред Меѓународниот суд на правдата, но на судот може да му требаат месеци за да ја донесе одлуката.
Автор: Ендру Боуен/ Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска