Исламска држава притиска кон Египет
15 ноември 2014Џихадистичката група „Ансар Беит ал-Макдис“ дејствуваше самата на Синај, сега се приклучува и се подредува на Исламистичка држава. Положена е заклетва на верност кон исламистичкиот водач Абу Бакр ал-Багдади, соопшти групата на викендот. Таа истовремено ги повика сите муслимани да го направат истото, зашто „демократијата на неверниците“ не им е од никаква полза.
Приклучувањето на „Ансар Беит ал-Макдис“ кон Исламска држава беше очекувано, уште одамна имаше такви гласини, но групата првично ги демантираше.
Насилство на Синај
Веста за приклучувањето стигнува во момент кога групата очигледно се опоравила од силните удари кои и‘ ги нанесе египетската војска во изминатите месеци. Уште летоска членовите на групата мораа да бегаат во оддалечени региони на Синај, зашто војската им беше зад петици. Но, тие не се предадоа, постојано изведуваа мали, но ефективни напади и заседи против војската. Според непотврдени извештаи, групата убила стотици војници. Последниот голем напад се случи на 24 октомври во северен Синај, кога жртви беа 30 војници и полицајци. Групата остана во центарот на вниманието и преку видеа со обезглавување цивили.
Радикализирање во затвор
Се претпоставува дека само малкумина Египќани имаат симпатии кон Исламска држава. Но, исламистите-приврзаници на во јуни 2013 година соборениот претседател Мохамед Мурси, очигледно се наоѓаат во процес на радикализација. Интернет магазинот „Ал-монитор“ на почеток на ноември објави извадоци од интервју со поранешен член на Муслиманските браќа. Младиот човек кој сега е во затвор, изјави дека ја поддржува Исламска држава. Тој долго верувал во силата на мирољубивиот ангажман, а во средината на август 2013 бил уапсен за време на про-Мурси демонстрација. Искуствата оттогаш го натерале да се сврти кон Исламска држава. „Неправдата и околностите да ме затворат под обвинение дека сум терорист, иако ништо не сум направил, ме доведоа до очај. Тие се посилни од мојата верба во мирољубивост“, рече тој.
Муслиманско братство досега се држеше на дистанца од Исламска држава. Тоа следи друга, поумерена агенда. Не повикува на „света војна“, ниту своите цели ги спроведува со насилство. Но, некои членови, како што пишува египетскиот весник „Ал Масри ал-јавм“, се гледаат како сојузници на „Ансар Беит ал-Макдис“. Групата пак има членови кои се сметаат за „воено крило“ на Муслиманското братство. Радикализацијата на Муслиманското братство може да биде поттикната од околноста што повеќе членови се наоѓаат во затвор без судски процес. Амнести Интернешнл цитира бројни извори кои зборуваат за околу 40.000 затвореници, иако не се сите припадници на Муслиманското братство.
Атмосфера на насилство
Но ако се претпостави само дел од нив да се радикализира, тогаш џихадистите ќе добијат голем прилив. Зашто, во затворите очигледно постои потенцијал за радикализирање. Раширени се извештаите за мачење и исчезнување во затворските установи на полицијата и војската, констатира Амнести.
Египет досега во борбата против тероризмот се потпира на сила. Со цела решителност државата се обидува да спречи ширење на џихадистичката идеологија. Притоа може да смета на поддршка од египетскиот Голем муфтија Шавки Алам, врховниот водач. Тој во средината на октомври издаде проглас против џихадистичкиот терор. Оној кој врши терористички акти, „заслужува господов гнев на Земјата“. Дали терористите се замислија поради неговите зборови, не е сигурно. „Ансар Беит ал-Макдис“ преку Твитер соопшти дека е во тек „борба без крај“: „Ќе се бориме против армијата до судниот ден“.