Ирците не би им простиле на Грците
23 февруари 2015Во даблинскиот кварт Гренд Канал Док цените на недвижностите растат уште побрзо отколку во другите делови од земјата. На местото каде некогаш владееше сивило, денес доминира иновативна архитектура, луксузни апартмани и ресторани. Во овој динамичен кварт се наоѓа и студиото на рок-групата U2, а тука се и европските централи на Фејсбук и Гугл. Видната благосостојба во „Силикон Док“ и постојаниот прилив на инвестиции го потврдува она што неодамна го објави дневниот весник „Ајриш Индипендент“: „Ние веќе не сме PIIGS“. Оваа кратенка која неодоливо потсетува на „pig“ (на англиски: свиња), се роди при набројувањето на презадолжените европски земји: Португалија, Италија, Ирска, Грција и Шпанија.
Лоши сеќавања
И навистина, Ирска веќе не може туку така да се споредува со исцрпената Грција. „Тројката“ сочинета од претставници на Европската централна банка, Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд, која го следеше спроведувањето на грчките реформи, денес во Ирска е само грдо сеќавање. Стапката на невработеност падна од рекордните 15, на 11 проценти. Иако емиграцијата е акутен проблем на западот и на југот на земјата, бројот на иселениците силно опаѓа, паралелно со растот на националната економија.
Ирска сепак, како и Грција, се’ уште ја мачи тежок, можеби и претежок товар од долгови. За враќање на должничките обврски, таа годишно издвојува двапати повеќе од она што го вложува во својата инфраструктура. Сеќавањата на секојдневниот живот во кризната економија се’ уште се свежи, Ирците многу добро ги разбираат тешкотиите на Грците. Во Даблин, слично како и во Атина, поради програмата за санација, односно новите даноци и давачки, на улиците излегуваат илјадници демонстранти.
Грција како опомена
Од почетокот на рецесијата, Ирска со секој поглед кон Грција си го подобруваше расположението. Грција на Ирците им беше потсетување дека сѐ можеше да биде и далеку полошо. Во ирските медиуми постои широк консензус околу тоа дека Грција заслужува растоварување, но владата е категорично против должничките олеснувања. Минатата недела министерот за финансии Мајкл Нунан пред еден парламентарен одбор изјави дека нема да поддржи отпис на долгови, ниту обиди за исфрлање на Грција од еврозоната. Се чини дека новата грчка влада прави „невозможни“ предлози со цел да ги пополни огромните финансиски дупки, се жали Нунан.
Со него се согласува Алан Грегори во својот антикваријат во центарот на Даблин. Трговијата со книги во текот на рецесијата беше несигурен бизнис, а и денес е таков - без оглед на стопанскиот пораст. Силното евро го поскапе увозот на ретки книги од Британија и САД. Погрешно е, вели Грегори, да и’ се нуди на Грција посебна регулатива, кога времињата за луѓе како него и натаму се тешки: „Доколку ЕУ од која било причина одлучи да им попушти на Грците, Ирците ќе бидат многу лути“.
Чувство на несигурност
Симас Кофи, професор по економија на Универзитетот во Корк, долго беше еден од ретките кои аргументираа дека Ирска, а и Грција, немаат право да ја префрлуваат одговорност за сопствените грешки врз меѓународните организации. Одговорноста започнува дома, смета Кофи. Еден од клучните ирски проблеми е неодговорното давање кредити од страна на банките и недоволната регулација на финансискиот пазар. Проблем не се долговите, кои Грција и онака речиси и не ги враќа, туку „економскиот систем кој не функционира“, вели професорот. „На Грција не и’ е толку потребно простување на долговите, туку крај на несигурноста, односно потребно и е чувство на стабилност, чувство кое токму се раѓа во Ирска“.