Израел - заштитен ѕид
30 јуни 2004Судиите оценија дека ѕидот, што треба да го заштити Израел од нападите на терористите, непотребно многу им го отежнува животот на Палестинците и ги повредува нивните темелни права. Тие исто така бараат да се најде ново решение, дури и ако тоа значи помалку безбедност за Израел.
Решението на Врховниот суд не е принципиелна пресуда за заштитниот ѕид, туку се однесува само на една делница во должина од 30 км во западниот и северниот дел на Ерусалим. Процесот го покренаа жителите од повеќе палестински села, кои аргументираа дека ѕидот ги отсекува од нивните ниви, училишта и медицинската заштита, со тоа повредувајќи ги нивните меѓународно загарантирани права. Еден од адвокатите ја пофали пресудата на Врховниот суд како храбра и многу важна одлука.
Многу оспоруваниот ѕид во моментов е изграден во вкупна должина од 190 км и се протега среде Западниот брег. Израел не го гради на своја територија, значи по т.н. “зелена линија“ , туку во најголемиот дел на окупираните палестински подрачја и затоа Палестинците го сметаат за нов облик на одземање на нивното земјиште. Според планот, зидот треба да достигне вкупна должина од се на се 700 км.
Израелската влада реагираше огорчено. Пресудата му нанела непоправлива штета на Израел, сметаат владини кругови, нагласувајќи дека највисок приоритет е да се спречат терористичките акти. Судбината на ѕидот во одредена мера ќе зависи и од Меѓународниот кривичен суд, кој следната недела треба да објави и своја проценка за неговата законска одржливост. Нејзе ја побара Генералното собрание на ОН и иако пресудата на Кривичниот суд во Хаг нема никаква правоснажност, сепак таа се очекува со големо нетрпение.