Израел делумно се повлекува од Рафа
21 мај 2004Претходно Израел им вети на САД дека ќе престане со уривањето на палестинските куќи, што наиде на осуда во светот. Американскиот министер за надворешни работи, Колин Пауел, изјави:
”Акциите на израелската армија во Газа во изминатите денови се проблематични и ја отежнуваат состојбата. Со тоа ни се отежнува напредокот и враќањето кон мировниот процес.”
Од почетокот на израелската офанзива пред три дена, во тоа подрачје се убиени повеќе од 40 Палестинци. Повеќе израелски групи за човекови права најавија протест пред Врховниот суд, поради акциите на армијата во Газа. Тие бараат истрага за случајот од средата кога армијата пукаше во демонтранти и притоа загинаа и неколку деца. Израел својата офанзива ја образлага со фактот дека има намера да стави крај на шверцот со оружје од Египет во Газа.
Вчера во Израел, во средиштето на интересот беше судот во Тел Авив, каде беше изречена пресуда за познатиот палестински лидер на Интифадата, Марван Баргути. 44 годишниот шеф на движењето Фатах, е прогласен за виновен во пет случаи, од кои три смртни напади. Баргути е ослободен од обвинението за други 33 напади врз Израел. Казната треба да биде објавена за неколку недели, а обвинителството бара пет доживотни казни робија. Баргути беше уапсен пред две години во Рамала.
Жената на Баргути изјави дека станува збор за политичка пресуда. Популарноста на Баргути во палестинските подрачја за време на неговиот престој во затвор енормно порасна и неговото име се споменува како можен наследник на Јасер Арафат. Дури и израелските коментатори не исклучуваат дека тој еден ден ќе излезе на слобода во рамки на некоја размена на заробеници и дека потоа може да стане политички партнер на преговарачката маса.